Почетна ЕкономијаБразил предлага меѓународен фонд од 125 милијарди евра за заштита на тропските шуми

Бразил предлага меѓународен фонд од 125 милијарди евра за заштита на тропските шуми

од nenad
1 минути читај за

Бразил планира да воспостави меѓународен фонд за финансирање на заштитата на тропските шуми на претстојната Конференција на ОН за климатски промени подоцна во текот на годината, најави бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.

Овој фонд, вреден 125 милијарди евра, е наменет за проекти за зачувување во државите со големи дождовни шуми.

Лула го објави планот во Рио де Жанеиро, на вториот и последен ден од самитот на главните економии во земјите во развој од БРИКС. Бразил треба да биде домаќин на конференцијата за климата COP30 во ноември, во градот Белем кој се наоѓа во Амазонија. Бразилскиот претседател изјави дека овој фонд за шумите ќе биде придонес кон правична климатска политика.

„Фондот Тропски шуми засекогаш, кој ќе биде лансиран на COP30, ќе ги награди екосистемските услуги за планетата“, рече тој. „Со заштита и обновување на нашите територии, ние исто така создаваме можности за нашите локални заедници и домородните народи.“

Паралелно со фондот, Лула исто така ја објави иницијативата на БРИКС за справување со болестите поврзани со сиромаштијата, преку инвестиции во здравството, образованието и инфраструктурата.

Акронимот БРИКС е формиран од почетните букви на земјите основачи на групата: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република. Во почетокот на 2024 година, Иран, Етиопија, Египет и Обединетите Арапски Емирати се приклучија на групата, додека Индонезија се очекува да се приклучи во јануари. Земјите на БРИКС тврдат дека сочинуваат 48,5 проценти од светската популација, 36 проценти од глобалната површина и 24 проценти од светската економска моќ. Овие земји се сметаат за платформа за соработка меѓу земјите од Глобалниот Југ, со цел да претставуваат противтежа на групата Г7 на водечките западни економии. сд/фото:ЕПА . Извор: МИА