Почетна ЕкономијаМ-НАВ: Активности за доекипирање, нови технологии, замена на опрема и реорганизација

М-НАВ: Активности за доекипирање, нови технологии, замена на опрема и реорганизација

од nenad
2 минути читај за

Акционерското друштво во државна сопственост за воздухопловни навигациски услуги М-НАВ денеска објави дека презема мерки за комплетирање на тимот со кадри, воведување на нови технологии, замена на застарената опрема и реорганизација. Исто така, истакнаа дека во првата половина од годината се постигнати позитивни резултати со зголемување на бројот на прелетувања над македонското небо за повеќе од 12 проценти.

Од М-НАВ информираат дека со планираните конкурси за вработување ќе се ангажираат лица како замена за колегите кои веќе се пензионирани или ќе се пензионираат во следните неколку месеци, поради генерациски промени и други причини.

Во соопштението се потенцира дека во М-НАВ АД Скопје, под водство на Управниот одбор предводен од претседателот Владимир Ристески, се прават значителни напори за стабилизација на компанијата која со години била предмет на несовесно и неодговорно управување. “Се преземаат чекори за доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, замена на старата опрема и реорганизација,” се наведува во соопштението.

Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во координација со Владата на Република Северна Македонија, во текот на 2025 година доби одобрение од Министерството за финансии за вработување на високо стручен кадар специјализиран за потребите на давање воздухопловни навигациски услуги.

Ќе се вработуваат високо образовани и квалификувани кадри од следните профили: четворица метеоролози-прогностичари, еден метео набљудувач и еден инженер за сајбер безбедност. Дополнително, поради зголемен обем на работа во Секторот за воздухопловна навигација и планирани генерациски смени во одделението за Обласна контрола на летање, М-НАВ АД Скопје ќе вработи и обучи шест контролори на летање во еден од европските центри за обука на ваков кадар, кој ќе биде избран на тендер.

Компанијата, под раководство на претседателот на УО и директор на Секторот за воздухопловна навигација, веќе покажува резултати од реорганизацијата и промената во пристапот на менаџирање со кадрите. “Благодарение на добро планирање на кадрите-контролори на летање и капацитетите на системот за контрола на летање, во првите шест месеци од 2025 год. се пробиени сите рекорди и остварени се позитивни резултати со зголемување на бројот на прелети кои се водат на македонското небо за над 12 проценти,” се вели во соопштението. За шест месеци се реализирани 133 474 летови, за разлика од истиот период лани кога се реализирале 119 972 летови, вклучувајќи ги и летовите до и од Скопје и Охрид. “Порастот само на прелети процентуално и во апсолутна смисла е уште поголем во 2025 год во однос на 2024 год,” се додава во соопштението.

Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛМ на 19 јуни извести дека испратиле известување до раководството на М-НАВ со кое бараат да го поништи последниот оглас за нови вработувања и да ги почитува обврските од минатогодишната Спогодба, која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк. Повикаа да се пристапи кон итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на месецов, а во спротивно најавија реактивирање на штрајкот на 10. следниот месец.

лв/вг/фото: МИА архива. Извор: МИА