Со предложените измени на Законот за воздухопловство, кои денеска добија поддршка во надлежната собраниска комисија по забрзана процедура, се планира да се продолжи периодот за финансиска помош за авиокомпаниите кои ќе воведат нова дестинација од три на шест години.
“Сегашната регулатива предвидува финансиска поддршка во траење од три години за авиопревозниците кои ќе воведат нова дестинација.”
“Со цел да се поттикне развојот на пошироки мрежи на рути и да се поддржи одржлив раст на поврзаноста, се предлага зголемување на периодот на поддршка до шест години,” се наведува во Предлог-законот, предложен од пратениците: Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Јане Мицевски, Катерина Димитровска и Тони Јаревски.
Според предложеното, во Законот за воздухопловство (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/24, 224/24 и 3/25) во членот 49 став (3) зборовите “тригодишна” се заменуваат со “шестгодишна”. Бидејќи не беа поднесени амандмани, Комисијата го препрати Предлог-законот на понатамошна постапка во Собранието.
Примарни цели на Предлог-законот за изменување на Законот за воздухопловство се да се овозможи поголема приспособливост и да се стимулира развојот на воздушната мрежа, што ќе резултира со подобро поврзување, економски напредок и поконкурентни цени.
Комисијата на Собранието денеска го поддржа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни патишта, исто така поднесен од група пратеници.
Овие измени треба да овозможат поширока достапност за купување и надополнување на уредот М-ТАГ за плаќање патарина, не само во просториите на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), туку и на други локации. За оваа цел, ЈПДП ќе распише јавен повик, овозможувајќи им на правни лица кои ги исполнуваат условите да вршат продажба и надополнување на М-ТАГ-овите.
“Досега, иако имаше интерес од граѓаните, заради недостапност, односно можеа да се набават само во просторите на ЈПДП, се овозможува можност за избор на оператор што ќе направи мала дистрибутивна мрежа каде на граѓаните оваа услуга и овие можности и апаратчиња би им биле подостапни,” изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Тој објасни дека законските измени дефинираат што се подразбира под експресен пат, нагласувајќи дека тоа е од голема важност за реализацијата и динамиката на изградба на нови патишта.
“Се овозможува и поставување различни алатки, инструменти согласно Законот што може да го забават сообраќајот, бидејќи во Македонија на делниците кај експресните патишта се наоѓаат многу школи, болници, градинки, итн., што може да доведе до ризик здравјето и ризикот на нашите граѓани. Исто така се земени предвид искуствата од сообраќајните незгоди и сметаме дека ќе може да помогне многу при зголемување на безбедноста,” заклучи Јаревски.