Европската унија работи со “добра волја” со цел да обезбеди трговски договор со САД, кој ќе биде базиран на “почитување”, а не на “закани”, рече европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за можно воведување царини од 50 отсто за ЕУ.
Трамп изјави дека не “бара трговски договор” со Европската Унија, упатувајќи закани за поставување царини од 50% за увоз од 27-те земји-членки, почнувајќи од 1 јуни.
“ЕУ е целосно посветена и решена да обезбеди договор кој ќе биде поволен за двете страни. Трговијата меѓу ЕУ и САД мора да се води од взаемна почит, а не од закани. Ние сме подготвени да ги браниме нашите интереси”, напиша Шефчович на X по разговорите со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир и секретарот за трговија Хауард Лутник.
Како одговор на заканите од Вашингтон, ЕУ уште во почетокот на мај објави дека ќе воведе царини за увоз од САД во вредност од 95 милијарди долари, што се однесува на автомобили и авиони, доколку трговските преговори со администрацијата на Трамп не дадат позитивен исход. Европската комисија, исто така, најави дека ќе се жали пред Светската трговска организација (СТО) за трговските мерки што САД би можеле да ги преземат против ЕУ.
Во последните месеци, ЕУ веќе беше погодена трипати од царините на американската администрација: 25 проценти за челик и алуминиум, објавени во средината на март, 25 проценти за автомобили, и потоа 20 проценти за сите други европски производи во април. Царините беа суспендирани до јули за да се овозможат преговори, но царинските давачки од 10 проценти сè уште важат за многу стоки што ги извезуваат 27-те земји-членки на ЕУ во САД.
Доналд Трамп постојано ја критикува Европа откако се врати во Белата куќа за втор мандат, сметајќи ја, како што рече, “полоша од Кина” во трговските односи. САД го проценуваат својот дефицит во трговијата со ЕУ во 2024 година на 235 милијарди долари, но Европската комисија укажува дека суфицитот на САД во услугите го намалува трговскиот дефицит на околу 57 милијарди долари.
са/Фото: принтскрин.