Колку долго ќе остане поголемиот дел од Скопје без вода откако од ЈП „Водовод и канализација“ најавија дека на 21 декември ќе го исклучат главниот цевковод за да санираат неколку дефекти, никој не може да каже. Од претпријатието официјално не соопштија ниту кои точно делови на градот ќе останат без вода, а информациите кои медиумите ги добиваат се од дежурната служба на претпријатието поточно од нивниот контакт центар. Од дирекцијата на претпријатието и од службата за односи со јавност токму таму не препраќаат за повеќе информации, а во дежурната служба немаат доволно податоци за да одговорат на сите наши прашања. Не можеме да кажеме колку ќе трае прекинот на вода, бидејќи не знаеме. Првично е спомнато дека во 22 часот ќе се исклучи водата, но и тоа не знам со сигурност да ви го потврдам дали ќе е тогаш или подоцна, но во текот на ноќта би снемале вода корисниците – ни одговорија од контакт центарот на “Водовод и канализација“.
На прашањето дали претпријатието ќе организира снабдување со вода на граѓаните доколку потрае дефектот, оттаму велат дека досега со питка вода од цистерни се снабдувало доколку дефектот трае повеќе од 24 часа, но немаат известување како ќе се постапи при ова исклучување. Без вода ќе останат трговските центри, угостителските објекти, но и болниците. За болниците ќе има снабдување со цистерни, за Клинички центар, Жан Митрев, Козле, Систина и други. До сите нив пративме допис, секаде каде што ќе нема вода ќе обезбедиме – ни посочија од дежурната служба. И додека одговорните во „Водовод и канализација“ не излегуваат со никакви прецизни информации, освен дека станува збор за сложен зафат, дека ќе се затвори главниот затварач на цевководот кој се наоѓа во касарната во Ѓорче Петров, вчера градоначалничката Данела Арсовска тврдеше дека прекинот нема да трае подолго од санација на кој било дефект и дека некои сакаат од политички причини да предизвикаат страв кај населението.
Се работи за зафат кој има сложен и оперативен план и затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот цевковод. Се прави еднаш во 50-60 години. Континуирано веќе една деценија се одложувало санирањето. Овој дефект е еден од четирите кои ќе се санираат во текот на викендот. За истото нема да има потреба од дотур на вода. Нема да трае подолго од една редовна санација на било кој дефект. Сите оние кои што од политички или било кои побуди сакаат да креираат неизвесност или страв меѓу населението, апелирам тоа да не го прават. Службите кои што работат во градот и согласно онаа студија за состојбите во која се магистралните цевководи, покажуват дека апсолутно ќе биде завршено во едно деноноќие, убедена е Арсовска.
Но, она што неофицијално го дознаваме е дека никој во „Водовод и канализација“ не може да каже колку долго скопјани ќе останат без вода, затоа што никој не знае што ги чека кога ќе почнат со санирање на дефектите. Цевките се стари, па можно е да се појават дополнителни проблеми. Настрана тоа, туку и откако ќе се санираат дефектите и одново се пушти во функција цевководот, ќе треба да поминат 7-8 часа додека водата стигне до домовите на граѓаните. На граѓаните од Ѓорче Петров, почнувајќи од кружниот тек кај СП Планет, потоа од Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), како и жителите на Зелениково и на Студеничани, им остануваат два дена да се снабдат со резерви со вода. Останатите населби во Скопје, лоцирани од левата страна на Вардар би требало да имаат вода.