Во Соединетите Американски Држави се одржаа стотици антивладини собири против администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Од Вајоминг до Вашингтон и од Мисисипи до Менхетен, демонстрациите вчера беа организирани под слоганот „50501“, име на децентрализирана иницијатива започната на социјалната мрежа Reddit, чија цел беше да се организираат протести во сите 50 сојузни држави, кои требаше да се одржат на 5-ти февруари.
Според претставникот на движењето, станува збор за продемократски активисти кои се спротивставуваат на прекумерната извршна власт преку ненасилен отпор. Протестите на 5-ти април се одржаа под мотото „Рацете подалеку“.
Вчерашните демонстрации се случија на 250-годишнината од почетокот на Американската револуционерна војна.
Наместо класични демонстрации, организаторите повикаа на „ден на акција“, со цел да потсетат на проблемите со имиграционата политика, економската нестабилност и намалувањето на федералната работна сила.
Во рамките на протестот, имаше и работни акции за чистење на населбите и собирање храна и средства за хигиена за донации.
На Националната алеја во Вашингтон се собраа илјадници демонстранти со барање за враќање на Килмар Абрего Гарсија, кој е депортиран во Ел Салвадор.
Протестот се спои со штрајкот на вработените од Бирото за заштита на потрошувачите, чиј персонал беше намален за 90 отсто. Цел на критики беше Илон Маск и неговата служба ДОГЕ.
Имаше и контрапротести, но тие не ги попречија главните протести да поминат мирно, иако имаше апсења на демонстранти поради наводни напади врз полицијата.
На други локации се одржаа протести пред Белата куќа и резиденцијата на потпретседателот Џеј Ди Венс, додека организаторите истакнаа дека заемната помош е начин за отпор и солидарност.
Масовни демонстрации вчера се одржаа и во Њујорк, Лос Анџелес и во уште неколку други градови.