Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес побара приведување на градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, и гувернерот на Илиноис, Џ. Б. Прикер, со што ги обвини двајцата демократи дека не обезбедиле заштита на федералните службеници на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ).
„Градоначалникот на Чикаго треба да биде во затвор затоа што не ги заштитил службениците на ИЦЕ! Гувернерот Прикер исто така!“, објави Трамп на својот профил на „Truth Social“.
Минатата седмица, американскиот лидер одобри испраќање на војници од Националната гарда во Чикаго, кој е трет град по големина во државата, и покрај негодувањето на локалните и државните функционери.
Припадниците на Националната гарда на Тексас пристигнаа синоќа во Центарот за обука на резервите на американската армија во Елвуд, лоциран југозападно од Чикаго. Таму, тие ќе поминат низ обука пред да бидат распоредени за да ги чуваат федералните згради и персоналот на Службата за имиграција и царина.