Почетна Убавина и здравје„Со позитивна мисла, самите можеме да привлечеме убавини во животот“ – Убавина и здравје

„Со позитивна мисла, самите можеме да привлечеме убавини во животот“ – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за

По струка е оперска певица, но успешна е и во забавната музика, како и во уметничката форма кабаре. Несомнено е дека Полина Тасева знае како максимално да го искористи својот талент, но во која музичка сфера се пронаоѓа најмногу и што ја прави најсреќна?

Додека студирала, најчесто била на оперската сцена, во светот на оперските певици и класичната музика. Вели дека во тој период, нејзиното внатрешно задоволство било најголемо, бидејќи најмногу му се има посветено на оперското пеење и на тоа поле се чувствува најмногу своја и најмногу исполнета:

„Тие пеперутки можат да ги разберат само уметниците кои знаат дека се на вистинското место. Нашата работа е и задоволство, пред сè, и тоа не смее никогаш да згасне“, вели Полина.

Постепено се пробива и на забавната музичка сцена, стремејќи се со секоја песна да испрати порака до публиката, додека моментално целосно се пронаоѓа во кабарето:

„Кабарето ме поврзува со повеќе музички жанрови, како џезот, филмската музика, популарната музика, операта, како и со операта и театарот, а сето тоа заедно е одлична комбинација за сценско изразување. Моментално најактивна сум во овој правец и задоволството е огромно.“

Нашата соговорничка признава дека голем предизвик е да се биде музички артист во нашата земја, но таа е решена да продолжи да се занимава со оваа професија по секоја цена:

„Во нашата земја нешто функционира, нешто не, но најчесто не функционира. Конкретно како оперски пејач сум невработена, а посветеноста и желбата за таа професија ми биле на највисоко лично ниво. Како артист на естрадната сцена, забележувам дека треба да следиш трендови, но не сум сигурна дека сите што следат трендови го покажуваат вистинското јас преку својата музика. Тешко е да изградиш имиџ и да се пробиеш во нашето општество, бидејќи сè ни е достапно. А секој треба да си го одговори прашањето што всушност сака да раскаже преку музиката“.

Најмногу ја нервираат некултурата, непочитувањето, неискреноста, меѓучовечкото навредување и озборување, но Полина има лек за ваквите негативни начини на однесување:

„За да не ме допира сето ова, гледам да сум опкружена со луѓе слични на мене, кои делат слични ставови. Сметам дека нервозата треба да ја доживуваме како минлива ситуација и да не ѝ придаваме многу значење. Со позитивна мисла, самите можеме да привлечеме убавини во животот и така да го задржиме нашиот младешки дух.“


Поврзани објави

На прашањето што ја прави најсреќна, нашата пејачка ни наведе повеќе причини за насмевка:

„Сакам да се смеам во друштво на пријателите, на драгите личности кои ми даваат поддршка и ми значат во животот. Се смеам во друштво на семејството и блиската фамилија, тие го сочинуваат мојот круг на сакани луѓе. Насмеана сум и кога посетувам други земји, кога одам на летни одмори и долги прошетки. Сакам добра храна, добар коктел, добар филм. Кога уживам целосно, насмевката не ми исчезнува од лицето!“

ПОЛИНА НЕ МОЖЕ БЕЗ:

Семејството

Пријателите

Уметноста

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА