Почетна Убавина и здравје„Нема лесна успешна приказна, уверена сум во тоа!“ – Убавина и здравје

„Нема лесна успешна приказна, уверена сум во тоа!“ – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

„Најсреќна ме прави тоа што едвај чекам да се разбудам и да одам на работа. Тука сфаќам дека сум успеала во животот“, вели нашата балерина

Таа го живее сонот на секоја балерина! Стефанија Гаштарска е првата Македонка што станала дел од ансамблот на познатиот театар Бољшој, а моментално е солист во Оперскиот и балетскиот театар во Перм, Русија. Балетот секогаш е во нејзиниот фокус, но таа не би ни сакала да биде поинаку. Нејзината страст кон тоа што го работи е вистинска инспирација!

Многу млада постигна огромен успех. Чувствуваш ли некаква разлика помеѓу Стефанија денес и Стефанија на почетоците?

Јас бев дете со големи соништа и планови за иднината. Бев цврсто уверена и сериозно насочена кон исполнување на моите цели уште од деветтата година. Во моментов, не само што го живеам сонот на секоја балерина, туку го живеам сонот што го сонив уште од мала. Нормално дека нема да застанам тука, имам уште многу планови и цели на кои работам во моментов. Целото ова патување, целиот мој живот, сите патишта што ги поминав, тешки, страшни, чудни, прекрасни, сите тие ми помогнаа да станам свој човек, човек со силен карактер, човек што веќе ништо не може да го урне и да го натера да се откаже од своите замисли. Јас станав многу психички силна… и физички, нормално.

И твојата мајка Марија е наша позната балерина. Колку влијаеше нејзината љубов кон балетот врз твојот избор на професијата?

Таа е причината поради која јас добив желба за балетот. Таа ми ги покажа животот зад кулисите, животот на балерините, претставите, костимите, музиката, рефлекторите, сцената… Мене сето тоа ме маѓепса и посакав и јас да станам дел од тој свет. Многу различен, многу интересен, возбудлив свет, за кој многу луѓе не знаат. Јас буквално се заразив со оваа уметност, а мајка ми е „виновникот”.

Повеќепати имаш зборувано дека патот до Бољшој воопшто не бил лесен. Во кој момент ти беше најтешко?

Еден од најтешките моменти за мене беше мојата прва разделба со мајка ми, во Перм, кога имав 14 години, кога железните врати од интернатот на балетското школо се затворија и кога сфатив дека сум сама. Во друга држава далеку од дома, без семејството, а не го знаев дури ни рускиот јазик. Но јас бев толку сигурна дека сум на вистинскиот пат што многу брзо се снајдов во новата средина. Јас бев среќна! Вежбав, вежбав, вежбав, тоа ми беше доволно! Но тој момент на разделба ќе го памтам секогаш како страшен сон.

На што си фокусирана периодов?

На балетот. Во моментов сум фокусирана само на тоа. Знаете, балетот е малку себична професија. Сака вниманието да ти насочено само кон неа и кон ништо друго. За да успееш, треба да се будиш и да легнуваш со балетот. Во моментов работам на својата техника, на чистината на движењата, но и на емоциите на сцена, на глумата… Не сакам тоа да бидат само прости чекори, туку цела приказна. Балерините во сегашно време забораваат на тоа. Стануваат роботи. Балетот почнува да личи на циркус и гимнастика. Јас сакам да ја вратам душата на сцена, сакам публиката да биде допрена од мојот танц, сакам, додека ме гледаат, да заборават на сите свои проблеми и да си заминат со насмевка. Ете токму на тоа работам моментално. На 16 октомври ја играм Одета/Одилија во балетот „Лебедово езеро“ и во исто време подготвуваме светска премиера на балетот „Силвија”.


Поврзани објави

Како изгледа еден твој ден како балерина во Русија?

Денот ми почнува со загревање во 11 часот и потоа следуваат проби и уште проби кои се случува да траат и до 22 часот навечер. Зависи од репертоарот. Во меѓувреме, наоѓам време за јадење, брза масажа, терапија ако нешто ме боли и така натаму…

Има ли балетот своја „темна страна“ што публиката не ја гледа?

Не сакам да исплашам некого, но 70% од балетот е темна страна. Огромна, секојдневна макотрпна работа, болки, повреди, многу пот и плускавци, 0 социјален живот и многу солзи. Тоа е суровата вистина. Но кога кажувам дека сето вреди, јас навистина го мислам тоа. Кога по секоја претстава гледаш насмеани лица во публиката, аплауз, многу цвеќиња, сфаќаш дека вредело! И утредента повторно одиш во салата. И така секој пат. Кога излегуваш на сцена, таа 70% темнина станува светлина и добиваш 100% светлина. На сцената забораваш на сè! Тоа е неописливо чувство.

Веројатно еден од најголемите кошмари на секој танчар е да падне или да ја заборави кореографијата на сцена. Ти се има случено такво нешто?

На сцена може да се случи сè! Луѓе сме, а не роботи и многу нормално е да се лизнеш, да паднеш, да не излезе некоја пируета како што сакаш и така натаму. Во такви моменти, најдобро е публиката да помисли дека тоа е дел од кореографијата. Да изреагираш како тоа да била замислата, а може и да се насмееш на своја сметка, некогаш се случува и тоа. Нема ништо страшно во грешките и киксовите, им се случуваат и на најврвните балерини. Јас сè уште не сум имала некоја таква незгода на сцена, но има време и за тоа (се смее).

Што те прави најсреќна моментално, а што би те направило уште посреќна во иднина?

Најсреќна ме прави тоа што едвај чекам да се разбудам и да одам на работа. Тука сфаќам дека сум успеала во животот!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА