Почетна ЕкономијаНематеријалното културно наследство е огледало на нашите различности и заеднички тестамент

Нематеријалното културно наследство е огледало на нашите различности и заеднички тестамент

од nenad
2 минути читај за


Комисијата за култура и туризам во Собранието го одбележа Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство. Настанот го отвори претседателката на Комисијата за култура и туризам, Саранда Имери-Стафаи, која информира дека минатата година Генералното собрание на УНЕСКО го прогласи 17 октомври за Меѓународен ден на нематеријалното културно наследство.

На овој ден во 2003 година во Париз е донесена Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, која нашата земја ја ратификуваше во 2006 година. УНЕСКО идентификува пет области во кои се манифестира нематеријалното (живо) културно наследство, и тоа: усна традиција и јазик; изведувачки уметности (музика, игра, танц, театар…); социјална практика, ритуали и празници (обичаи, верувања, митови, фестивали); знаења и вештини поврзани со природата и универзумот; традиционална уметност (занаетчиство, ракотворби).

За прв пат годинава, овој ден земјите потписнички на Конвенцијата ќе го одбележат со низа настани и активности, преку кои ќе се покаже разноликоста и богатството на живото културно наследство, со цел подигнување на свеста за негово зачувување и пренесување на идните генерации. Свои воведни обраќања имаа Антонио Милошоски како потпретседател на Собранието и Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Потпретседателот Милошоски истакна дека ова е важен ден за сите земји членки на Обединетите нации. Тој беше дециден дека нематеријалното културно наследство добро влијае на воспитувањето на младите луѓе во оваа модерна ера на живеење.

Затоа треба да се промовира и луѓето да го пренесат на следните поколенија. Министерот Љутков рече дека нематеријалното културно наследство не е огледало само на минатото, туку преку него се пренесува мудроста на народот. Тоа има моќ да го живее минатото низ сегашноста, тоа е кревко, а скапоцено.

Тематски обраќања имаа: Велика Стојкова-Серафимовска, членка на Комисијата за култура и туризам и акредитирана експертка на УНЕСКО за нематеријално културно наследство; Сулејман Рушити, директор на НУ Гостиварски театар; Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство и Ивона Опетческа-Татарчевска, национална координаторка за нематеријално културно наследство во Македонија.

Притоа, нематеријалното културно наследство беше окарактеризирано како патник низ времето, поврзувачки мост на луѓето, кое го слави човекот и преку сите форми нѐ збогатува и зближува. Тоа е општествено добро, носител на колективната меморија, која никој не може да ја избрише. Претставува приказна која раскажува за светот и ги пренесува основните морални вредности.

Нематеријалното културно наследство е огледало на нашите различности и заеднички тестамент. На денешниот настан учесниците имаа можност да изразат чест за приклучување на глобалното чевствување на Денот на нематеријалното културно наследство, кое ни припаѓа на сите нас, но и на целото човештво. Неговото одбележување е начин во ова време на предизвици, дигитализација и вештачка интелигенција, да се подигне свеста за негово зачувување и промовирање.

Четврток, 17 октомври 2024 година