Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царина од 100 проценти на компјутерските чипови, што веројатно ќе ја покачи цената на електрониката, автомобилите, апаратите за домаќинство и другите производи што се сметаат за суштински во дигиталната ера.
“Ќе воведеме царина од приближно 100 проценти на чипови и полупроводници”, рече Трамп во Овалната соба за време на средбата со извршниот директор на Епл, Тим Кук. “Но, ако произведувате во Соединетите Држави, нема да има царина”, додаде тој.
Републиканскиот претседател појасни дека компаниите што произведуваат компјутерски чипови во САД ќе бидат ослободени од давачките. За време на пандемијата на Ковид-19, недостигот на компјутерски чипови предизвика раст на цените на автомобилите и општ пораст на инфлацијата.
За време на средбата на Тим Кук со Трамп во Белата куќа, беше соопштено дека Епл ќе ги зголеми своите инвестиции во американското производство за дополнителни 100 милијарди долари во текот на наредните четири години.
“Ова е значаен чекор кон крајната цел да се обезбеди дека Ајфон-ите што се продаваат во САД се произведуваат во Америка”, рече Трамп на прес-конференцијата. Инвестицијата има за цел да префрли поголем дел од синџирот на снабдување и напредното производство во САД како дел од иницијативата наречена Американска програма за производство.
Сепак, тоа не претставува целосна посветеност за произведување на популарните Ајфон уреди во земјата. “Ова вклучува започнување со работа, како и проширување на работата со 10 компании низ цела Америка. Тие произведуваат компоненти, вклучувајќи полупроводнички чипови, кои се користат во производите на Епл што се продаваат низ целиот свет, и ние сме благодарни на претседателот за неговата поддршка”, рече Кук во изјава во врска со инвестицијата.
Епл неодамна објави планови за инвестирање 500 милијарди долари во Соединетите Држави, а сега ја зголемува таа сума на 600 милијарди долари. Во последните месеци, Трамп ја критикуваше технолошката компанија и самиот Кук за нивните обиди да го преместат производството на Ајфон во Индија за да ги избегнат царините што администрацијата ги планираше за Кина.
Глобалната побарувачка за компјутерски чипови расте, а продажбата е зголемена за 19,6 проценти во годината што заврши во јуни, според Светската организација за статистика на трговијата со полупроводници. Заканите на Трамп за царини се во спротивност со постојните планови за заживување на производството на компјутерски чипови во САД.
Претседателот верува дека повисоките цени на чиповите ќе принудат повеќе компании да отворат производствени погони во САД, и покрај ризикот царините да ги намалат корпоративните профити и да ги покачат цените на мобилните телефони, телевизорите и фрижидерите.
мс/фото: МИА архива .
Извор: МИА