Почетна ЕкономијаГрција на инвестициската мапа за дата центрите со проекти од една милијарда евра, со цел да достигнат и до 10 милијарди евра

Грција на инвестициската мапа за дата центрите со проекти од една милијарда евра, со цел да достигнат и до 10 милијарди евра

од nenad
4 минути читај за

Развојот на дата центрите се издвојува како еден од новите сектори со инвестициски интерес во Грција, со значителни перспективи за економијата, дигиталната инфраструктура и технолошкиот развој на земјата. Истовремено, географската положба на земјата и нејзината меѓународна поврзаност ги зајакнуваат можностите да се развие во регионален дигитален центар, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, пренесувајќи податоци од Грчката асоцијација на производители и оператори на дата центри (ГРДЦА), јави дописничката на МИА од Атина.

Презентацијата на ГРДЦА, според АНА-МПА ја покажува динамиката на пазарот, актуелните проекти и предизвиците со кои се соочува овој сектор и посочува дека грчкиот пазар што до 2023 година располагал со капацитет од шест до седум мегавати, сега веќе е во фаза на забрзан развој.

Поконкретно, во тек или во напредна фаза на изградба се проекти со вкупна моќност од 40 до 60 мегавати, со инвестиции што се приближуваат до една милијарда евра, додека пак ако се земат предвид најавените планови, достигнува до 200 мегавати, „иако овие бројки се однесуваат на проекти во различни фази на развој и не претставуваат капацитети кои веќе се во функција“.

Споредбата на проектите од 40 до 60 мегавати што се во тек со капацитетот од шест до седум со кој располагал пазарот до 2023 година го покажува обемот на развојот, но тоа не значи дека оперативниот капацитет веќе е зголемен седумкратно, бидејќи според Асоцијацијата, треба јасно да се разграничат капацитетите што веќе функционираат, проектите во изградба, најавените инвестиции и барањата за приклучување кон електроенергетската мрежа.

– Особен интерес предизвикуваат податоците за придонесот на дата центрите во економската активност. Според податоците на „ИДЦ Рисрч Сервисис“ (IDC Research Services), на кои се повикува ГРДЦА, секое евро инвестирано во дата центри создава вкупна економска вредност од 8,23 евра. Од овој износ, 2,45 евра се однесуваат на директно влијание, 4,38 евра на индиректно, а 1,41 евро на дополнителна економска активност. Во истата анализа се споменува и мултипликатор на вработеноста од 7,5, што според ГРДЦА, значи дека секое директно работно место е поврзано со отворање на дополнителни 6,5 работни места, наведува АНА-МПА.

Грчката новинска агенција дополнително анализира дека развојот на дата центрите отвора и прашања поврзани со потрошувачката на електрична енергија, а според презентацијата на Асоцијацијата, податочните центри во моментов трошат околу 0,1 отсто од вкупната електрична енергија во Грција, наспроти светскиот просек од 1,5 проценти.

– Според сценариото на ГРДЦА, со идно оптоварување на информатичката инфраструктура од 200 до 250 мегавати, побарувачката би можела да достигне еден отсто од годишната потрошувачка на електрична енергија во земјата, истакнува грчката новинска агенција.

Во однос на потрошувачката на вода, бучавата и влијанието врз локалните заедници, што исто така е предмет на дискусија, ГРДЦА посочува дека „не сите дата центри користат големи количества вода“, додека во Грција „најголемиот дел од објектите користат системи за воздушно ладење и затворени системи, со што значително се намалува потрошувачката на вода во текот на нивното работење“.

Слично, кога станува збор за бучавата и останатите влијанија врз животната средина, се предлага примена на мерливи критериуми, транспарентност и навремено информирање на локалното население.

А во тој контекст, грчката асоцијација како членка на Европската асоцијација на дата центри од 2026 година, „учествува во иницијативата „Пакт за климатски неутрални дата центри“ (Climate Neutral Data Centre Pact), која поставува цели за енергетска ефикасност, користење чиста енергија, циркуларна економија и постигнување климатска неутралност до 2030 година“.

Во однос на предизвиците и развојот на пазарот на дата центри, главниот проблем, според грчката асоцијација е „достапноста на електрична моќност и можноста новите објекти да се приклучат на електроенергетската мрежа“, но потоа се и енергетските трошоци, постапките за добивање дозволи, потребата од стабилна регулаторна рамка и недостигот од специјализиран кадар.

– Според ГРДЦА, денес функционираат дата центри со вкупен капацитет од околу 30 мегавати, додека барањата за приклучување на електричната мрежа што чекаат одобрување достигнуваат речиси 11 гигавати. Огромната разлика меѓу овие две бројки не значи дека постои соодветна реална инвестициска побарувачка. Според Асоцијацијата, ова ја наметнува потребата од воспоставување јасни критериуми за процена на степенот на подготвеност, посочува АНА-МПА

Исто така додава дека географската позиција на Грција е една од најважните предности, бидејќи нуди можност за поврзување на Европа со Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка, а во комбинација со развојот на телекомуникациската инфраструктура и зголемувањето на капацитетите од обновливи извори на енергија „создава предуслови за привлекување нови инвестиции“.

– Сепак, како што е посочено во презентацијата, конкуренцијата со други земји од регионот е силна, а инвестициските одлуки зависат од достапноста на електрична моќност, трошоците, брзината на издавање дозволи и стабилноста на правилата. ГРДЦА, која има 70 компании-членки и шест независни советници, смета дека Грција во моментов има прозорец на можност да се стекне со посилна позиција на европската дигитална мапа, пишува грчката новинска агенција.

Главната цел, според асоцијацијата, е премин од инвестициски најави кон реализација на проекти со мерливи резултати, еколошка одговорност и суштинско учество на локалните заедници.
Извор: МИА