Во текот на 2023 година, најмалку два туѓи јазика учеле 6,4 проценти од учениците во основните училишта и 59,5 проценти од учениците во средните училишта во ЕУ. Ова го објави Европската статистичка агенција – Евростат, по повод Европскиот ден на јазиците – 26 септември.
Во однос на 2013 година, процентот на ученици во основно образование кои изучуваат два или повеќе странски јазици е зголемен за 1,8, а кај средношколците за 1,1 процентни поени.
Единствена земја-членка на ЕУ каде што мнозинството ученици во основно образование, или 78,9 проценти, изучуваат барем два светски јазици е Луксембург. “Далеку зад неа се Летонија со 37 отсто, Грција со 35,5 и Естонија со 34,9 проценти ученици во основните училишта што учат најмалку два странски јазици.”
Најголем пораст на процентот на изучување на најмалку два туѓи јазици во периодот 2013-2023 година е забележан во Летонија, со 22,1 процентни поени, потоа Финска со 15,2, Грција со 9,6 и Шпанија со 8,3 процентни поени. “Од друга страна, најголемо намалување на оваа стапка има во Полска од 6,5 и Луксембург од 4,9 процентни поени.” Во Хрватска и Бугарија, уделот на учениците во основно образование кои изучуваат два или повеќе странски јазици во наведениот десетгодишен период останал непроменет, на 18,4 односно 1,5 проценти.
Кога станува збор за средношколците, водечка позиција има Финска, каде што “најмалку два странски јазици изучуваат 97,8 отсто од учениците во средните училишта”. По Финска, следуваат Грција, Италија, Малта, Естонија, Романија и Португалија, каде што овој процент се движи помеѓу 96,6 и 93,2 проценти.
Најмал процент на изучување на најмалку два туѓи јазици има во Ирска, со 5,4 проценти, по што следува Унгарија со 6,1 и Австрија со 7,6 проценти. “Во споредба со 2013 година, уделот на ученици во средните училишта што учат два или повеќе странски јазици најмногу се зголемил во Чешка за 24,8, пред Франција за 22 и Белгија за 18,2 процентни поени.” Наспроти ова, “најголем пад на оваа стапка има во Полска од 42,8 процентни поени, по што следуваат Словенија со 33 и Словачка со 26,0 процентни поени.”
Извор: МИА