Почетна ЕкономијаТошковски во Турција: Заеднички проекти и модернизација на опремата

Тошковски во Турција: Заеднички проекти и модернизација на опремата

од nenad
1 минути читај за

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за време на неговата посета на Турција денес изјави дека како држава, мора да вложуваме во современи решенија и партнерства, кои ја гарантираат нашата сигурност и ја подобруваат позицијата на Македонија како важен соработник во регионалните и глобалните безбедносни процеси.

Тошковски, заедно со министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на покана од турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер, учествуваат на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија – ИДЕФ 2025 во Истанбул.

Во склоп на саемот, како што известија од МВР, Тошковски се сретнал со претседателот на Турската агенција за одбранбена индустрија, Халук Ѓоргун, со кого и претходно имал градивна комуникација. “Разговаравме за можностите за заеднички проекти и поддршка во процесот на модернизација на опремата и капацитетите што ги има нашата држава.”

“Исто така, остваривме средба и со министерот Гулер, на која разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заеднички вежби и размена на експертиза, со цел зајакнување на безбедносната стабилност и подготвеност”, нагласи Тошковски.

Министерот исто така потенцираше дека Турција е еден од најзначајните и најдолгорочни пријатели на нашата држава. “Како две сојузнички земји во НАТО, секогаш сме стоеле една до друга кога било најпотребно, во духот на солидарноста, стабилноста и заедничката безбедност”, подвлече Тошковски.

Саемот, како што наведува МВР, беше отворен со свечена церемонија на која се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, испраќајќи силна порака за значењето на одбранбената индустрија како поттикнувач на стабилноста, сигурноста и соработката меѓу сојузниците.

ИДЕФ претставува важна платформа за размена на идеи, технологии и воспоставување соработка со релевантни меѓународни партнери од одбранбениот и безбедносниот сектор. ац/дма/Фото: МВР .

Извор: МИА