Халкидики е едно од најубавите места за летен одмор во Грција. Со кристално море, мек песок и преубави заливи, оваа дестинација нуди плажи што оставаат без здив. Еве кои од нив вреди да се посетат.
Плажа Кариди – Ситонија
Замислете кристално чисто море кое е толку плитко што дете може да си игра со часови додека вие седите во сенката на боровите дрвја и читате книга. Кариди е токму тоа. Песокот е светол, водата мирна, а целата плажа се чувствува како да сте паднале во природен базен. Нема гужви ако пристигнете рано, а во близина има и пазари и пекари – идеално за семеен ден без стрес на плажа.
Кавуротрипес – Ситонија
Ова е таа плажа од Инстаграм што изгледа како рај. И е – но со мала забелешка: не е најпристапна. За да се стигне до таму, потребно е малку искачување и спуштање (не е многу погодно за колички), но штом ќе пристигнете – сè е чисто. Бели карпи, тиркизно море, природни карпести базени. Не е голема, затоа стигнете рано. Се вративме неколку пати, и секој пат беше магично.
Поврзани објави
Паљури – Касандра
За оние кои сакаат атмосфера на бар, но и можност детето да трча по песокот, Паљури е идеална комбинација. Плажата е широка, со плитка вода што оди длабоко во морето, а има дел со лежалки и дел што е целосно бесплатен. Тука сакам да пијам фрапе и да го гледам зајдисонцето додека бебето спие во количката. За млади луѓе, парови, пријатели, плажниот бар Кабана на плажата Ксеанија е одличен избор!
Трани Амуда – Ситонија
Долга и пространа плажа со фин златен песок и море што преминува од тиркизна во длабока сина нијанса. Дури и во средината на сезоната тука владее мир и нема голема гужва, а водата е неверојатно бистра. За оние што сакаат свој чадор и тишина, ова е совршено катче. А ако повеќе ви годи удобност со лежалки и бар на плажа, и тоа ќе го најдете тука.
Фото: Instagram/ @paradise_kavourotripes