Почетна ЕкономијаШтрајк на синдикатите во Турција: Блокиран транспортот во Измир

Штрајк на синдикатите во Турција: Блокиран транспортот во Измир

од nenad
1 минути читај за

Синдикатите на работниците во јавниот сектор во Турција денес спроведуваат еднодневен прекин на работата, поради незадоволство од предлогот на владата за корекција на платите во 2026 и 2027 година, објави онлајн изданието „Туркије тудеј“.

Прекинот на работата најмногу влијаеше врз сообраќајот во Измир, каде што железничкиот транспорт е во застој денес.

Владата на 12 август предложи зголемување на платите од 10 проценти во првата половина на 2026 година и 6 проценти во втората половина. За 2027 година се предвидени две зголемувања од по 4 проценти.

На 15 август беше додадено и зголемување на основните плати од 1000 турски лири (околу 25 евра), но синдикатите го сметаа тоа за недоволно. “Не гледаме простор за преговори”.

„Владата нè турка на улица”, изјави синдикалниот лидер Али Јалчн. Прекинот на работата го поддржаа седум синдикални организации, со собири во сите 81 провинции на Турција.

Во Анкара протестите се одржаа пред Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика.

Синдикатите бараат зголемување на платите од 88 проценти за 2026 година и 46 проценти за 2027 година, предупредувајќи дека без тоа работниците ќе бидат „смазени од инфлацијата“.

Според официјалните податоци, во јули 2025 година инфлацијата во Турција изнесуваше 33,5 проценти, додека независни анализи ја проценуваат на околу 65 проценти.

Турската конфедерација на работници соопшти дека линијата на сиромаштија за четиричлено семејство во Анкара изнесува 86.000 лири (околу 1800 евра).

фото: архива.

Извор: МИА