Претседателката Гордана Сиљановска Давкова очекува земјава годинава да продолжи со својот развој и да го одржи реформскиот процес во повеќе сектори. Целта е да се надминат системските недостатоци, да се зајакне владеењето на правото, како и да се инвестира повеќе во образованието, науката и културата, области во кои, според неа, можеме да постигнеме извонредни успеси.
Таа посакува Македонија конечно да направи значаен напредок кон нејзината природна цел – Европската Унија.
Претседателката смета дека нашата домашна ситуација и однесување ќе бидат под влијание на случувањата на меѓународна сцена.
“Посакувам да бидеме разбрани, да си ја оствариме природната желба, ако сме можеле историски културно да бидеме, не можеме да ја смениме географијата, може ја облагодариме, да размислуваме регионално и европски, да бидеме дел од Европа. Логично е дека ЕУ ќе биде Европа тогаш кога и оние кои се таму навистина одвнатре учат демократија и јас се надевам дека ќе направиме исчекор кон оваа природна дестинација,” рече претседателката одговарајќи на новинарско прашање за нејзините очекувања за 2026 година и за нејзиното видување на најголемите политички предизвици.
Таа повтори дека започнатиот реформски процес во земјава треба да продолжи и оваа година со цел да се отстранат корените на системските слабости.
“Што не очекува? Она што започна да не остане така, туку да се развива, бидејќи ако сте почнале со реформи во правосудството тие треба да продолжат. Мора системски да размислувате бидејќи кога ги анализирате проблемите најшокантните, настрашните и најтрагичните како оној во Кочани, секогаш на крајот заклучуваме дека системски е проблемот. Не е тоа инцидент, врзан за една или неколку личности. Треба да се тргнат причините,” рече Сиљановска Давкова при посетата на припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.
Според неа, затоа е многу важно донесувањето на Законот за судски совет, кој, како што нагласува, е првиот чекор или почетокот. Исто така, важни се Законот за јавно обвинителство и Кривичниот законик, бидејќи, според неа, тие овозможуваат системски пристап во позиционирањето на институциите, надлежноста, но, како што нагласува, најмногу во регрутирањето на профил на луѓе кои веруваат во она што е напишано во законите, бидејќи тоа е европски стандард и пракса и е поврзано со владеењето на правото.
“Зошто го потенцирам ова, бидејќи без владеењето на правото не може да има економија, ниту успешна Армија. Тоа е како што викаме ние правниците modus vivendi. Тоа е начинот како да функционира институцијата и да дава плод. Не само во правосудството, говорам и во односите поврзани за енергетиката, во економијата,” рече таа.
Според неа, потребно е да постои национална визија за развој. Во спротивно, многу тешко ќе знаеме каде да ги насочиме средствата, на што да дадеме приоритет како држава и на кој начин.
Не смее, вели македонската претседателка, на било каков начин да се запостави дијаспората. “Велат нашите во дијаспората се нашите најважни амбасадори, докажани европјани и Американци, ама од друга страна во ера на вештачка интелигенција и дигитализација и кога не се дома може да бидат со активностите дома, овде да бидат а да работат таму, или пак таму да бидат а да работат овде. Тоа е нашата предност и добро е што и тука првпат имаме стратегија за дијаспора. Самата го видов тоа во САД, како и кај третата генерација се раѓа интересот за татковината. Кога велам за татковината, не мислам само на изучувањето на македонскиот јазик, мислам на помошта да се работи во и за татковината, да се даде придонес за нејзиниот развој,” рече претседателката Сиљановска Давкова.
Според неа, важни се и животната средина и развојот на инфраструктурата.
“Инфраструктурата е неверојатно важна и ние треба да ставиме крај на маратонските исчекувања да се заврши некој пат, ако има таква офанзива, а има, тоа е многу битно, но мора да се комбинира и со инвестирање и заштита на животната средина, оти од животот нема ништо поважно. Јас се чудам како може некој да не е свесен дека смртта е смрт, дали ќе умрете како богат или сиромашен е ирелевантно. Работата е како ние она што сме го наследиле, она што ни дава живот како да го почитуваме. Почитувајќи ја природата ќе заслужиме да живееме во пристоен амбиент, нема да се чудиме на тајфуни во зими со континентална клима. Ние влеговме во војна со природата и чекориме кон самоубиство. Мора да се стави крај на тоа,” рече претседателката.
Таа смета дека треба да продолжат и почнатите реформи во образованието и да се инвестира во науката, образованието и културата, бидејќи, како што нагласи, таму може да бидеме „поголеми од најголемите“.
Таа додаде дека не треба да се занемари ниту улогата на медиумите и да им се овозможи слобода на изразување и критика, иако, како што вели, понекогаш на политичарите и власта не им се допаѓа она што го пишуваат за нив или пак прашањата што им ги поставуваат, бидејќи, смета, тоа е многу важно за демократијата во земјава.
Според Сиљановска Давкова, нашето однесување годинава во голема мера ќе зависи од односите во Европа и светот.
“Таму гледаме дека се случуваат нешта за кои никој, вклучувајќи ме и мене, не би можел да поверува дека во 21 век во Европа ќе има војна, дека ќе има двојни стандарди во третирање на жртвите,” рече македонската претседателка.
Таа предупреди и апелира власта да има „кочници“ во своето однесување, затоа што, како што истакна, секоја власт може да ве „расипе“.
“Коалицијата на власт има власт не само на локално, туку и на централно ниво, да не заборави на предупредувањето на умниот лорд дека секоја власт се заканува да ве расипе, апсолутната апсолутно. Мора да има спреги и кочници, мора да има соработка со опозицијата. Зборувам од аспект на природата на власта. Да биде тоа не само моќ, туку и авторитет,” рече претседателката Сиљановска Давкова.