Почетна ЕкономијаСиљановска-Давкова: Македонски претприемачи успешно придонесуваат за зближување на американските и балканските бизнис заедници

Сиљановска-Давкова: Македонски претприемачи успешно придонесуваат за зближување на американските и балканските бизнис заедници

од nenad
2 минути читај за

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како дел од нејзината работна посета на САД, по повод 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, во Њујорк беше присутна на свеченоста организирана од Американско-балканската трговска комора. На настанот, претседателката беше придружена од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

“Драго ми е што успешни Македонци, претприемачи од САД се иницијатори на оваа стопанска комора и придонесуваат за зближување на американските и балканските бизнис заедници, како и за меѓусебна соработка на земјите од регионот. Верувам дека регионално најлесно можеме да се интегрираме во ЕУ. Соработувајте меѓусебе и промовирајте ги македонските инвестициски потенцијали. Ние сме мала земја, но со одлична локација и со одлични услови за инвестирање”, порача Сиљановска-Давкова на приемот на Американско-балканската трговска комора.

Денес во Њујорк, таа ќе има свое излагање и на годишниот самит на Конкордија. Според програмата, како што извести дописникот на МИА, Сиљановска – Давкова ќе говори и на Светскиот лидерски форум при Универзитетот Колумбија во Њујорк. По обраќањата, претседателката ќе биде присутна на приемот организиран од Постојаната мисија на Австрија при ОН, во присуство на австрискиот претседател, канцелар и министер за надворешни работи, по повод кандидатурата на Австрија за членство во Советот за безбедност на ОН (2027-2028).

За вечерва, според локалното време, е најавено присуство на претседателката Сиљановска – Давкова на приемот што го организира американскиот претседател Доналд Трамп. Во текот на вчерашниот ден, претседателката имаше обраќање на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените, на тема: „Повторна посветеност, обезбедување ресурси и забрзување на имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформата за акција за постигнување родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојчиња“.

Сиљановска-Давкова, исто така, присуствуваше на ручекот „Women Rise for All“, организиран од заменик генералната секретарка на ОН, Амина Мохамед, на приемот во чест на шефовите на делегации од Југоисточна Европа, организиран од Американско-балканската трговска комора, како и на вечерата на високо ниво во рамките на Годишното заседание на Платформата на жени лидери при ГС на ОН.

Во текот на нејзината повеќедневна посета на САД, претседателката Сиљановска-Давкова во четврток ќе се обрати на Генералната дебата и ќе учествува на повеќе самити, лидерски форуми и состаноци на високо ниво, кои се случуваат по повод 80-то Генерално собрание на ОН. За време на службената посета на САД, претседателката Сиљановска-Давкова ќе престојува и во Детроит.