Случајот со студентот Богдан Јовичиќ доби интернационална димензија – Европскиот суд за човекови права во Стразбур одлучи да ја земе во предвид молбата поднесена од неговиот правен застапник, пренесе белградски „Данас“.
Тој весник на својата интернет страница информираше дека се очекува судот мошне бргу да пресуди за прелиминарната мерка.
Весникот објави дека судијата во случајот „Јовичиќ против Србија“ денес му испратил писмо на Јовичиќ, во кое го поттикнува да го прекине гладувањето додека трае постапката на одлучување, и дека Јовичиќ постапил по неговиот совет.
„Судијата го повика Богдан да го прекине штрајкот со глад, и тој го стори тоа“, изјави за „Данас“ адвокатот на Богдан, кој вчера поднесе петиција до судот.
Адвокатот, „кој сакаше да остане анонимен, наведувајќи дека не сака медиумско експонирање во тој случај“, рече дека „во основа, судот во Стразбур го презеде случајот, назначи судија и почна да собира информации“.
„За првпат во историјата, овој суд ќе одлучи за привремена мерка против Србија согласно член 39 од Деловникот, во врска со член 2 од Европската конвенција за човекови права“, рече адвокатот.
Србија, како потписничка на Европската конвенција за човекови права и членка на Советот на Европа, е должна да ја почитува секоја мерка донесена од овој суд.
Барањето за ослободување на Јовичиќ достигна денеска над 60,000 потписи за само неколку дена откако 22-годишниот студент беше префрлен во болница додека гладуваше.
Богдан Јовичиќ е во притвор од средината на август, под сомнение за оштетување на канцеларија на владејачката Српска напредна странка за време на бурните протести во Нови Сад минатиот месец.
Јавниот револт поради затворањето на Јовичиќ ескалираше откако фотографии споделени на социјалните мрежи го прикажаа со лисици на нозете и под полициска стража на погребот на неговиот татко.
Незадоволството се интензивираше кога неговиот притвор беше продолжен за 30 дена на 12 септември, и покрај фактот што сѐ уште не е формално обвинет.
Јовичиќ е еден од многуте уапсени од почетокот на протестите, но полицијата ги демантираше обвинувањата за прекумерна употреба на сила насочена кон демонстрантите.