Почетна ЕкономијаСадудин Ибраими именуван за ректор на УЈИЕ

Садудин Ибраими именуван за ректор на УЈИЕ

од nenad
2 минути читај за

Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) од Тетово извести дека денес, на свечена манифестација, беше спроведена инаугурација на новиот ректор, проф. д-р Садудин Ибраими.

Во своето воведно обраќање, претседателот на Управниот Одбор на УЈИЕ, проф. д-р Клаус Тотерман, потенцираше дека изборот на проф. д-р Садудин Ибраими за нов ректор претставува значаен момент за идниот прогрес на институцијата и одраз на довербата на Одборот и академската заедница во неговите лидерски квалитети.

По предавањето на должноста, досегашниот ректор, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, изјави дека “денес е ден на предавање на штафетата” и ја изрази својата увереност дека новоизбраниот ректор ќе го води Универзитетот кон уште поблескави времиња. “Професор Ибраими ги има докажано своите капацитети во текот на целото свое професионално делување и дополнително ќе ја динамизира развојната насока на Универзитетот, со поддршка од кадарот и од целата универзитетска заедница”, нагласи Беџети.

Во своето излагање, новиот ректор, проф. д-р Садудин Ибраими, истакна дека ја прифаќа оваа должност со огромна благодарност кон своите претходници и со јасна визија за понатамошно надоградување врз веќе поставените темели. Тој се заложи дека Универзитетот ќе продолжи со обмислен и амбициозен напредок, проширувајќи го своето влијание во високото образование во државата и во регионот. “Да го изградиме заедно Универзитетот без граници, кој ги промовира вредностите на различноста, еднаквоста, одговорноста и служба кон општеството, универзитет кој развива не само знаење, туку и човечност”, истакна тој.

Заменик-министерот за образование и наука, Лулзим Алиу, подвлече дека Министерството за образование ќе продолжи да го помага овој универзитет. “Убедени сме дека со вашето искуство, професионализам и посветеност, успешно ќе го водите универзитетот кон нови предизвици со тоа што ќе дадете приоритет на иновациите, дигитализацијата и вклучувањето на студентите во процесот на донесување одлуки. Министерството за образование и наука ќе продолжи да биде близок партнер на вашиот универзитет и на другите универзитети во земјава”, потенцираше Алиу.

На церемонијата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, ректори на универзитети од земјата, Албанија и од Косово, лица од јавниот и приватниот сектор, членови од семејството, академскиот персонал и студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа.

ас/вј/Фото: УЈИЕ