Почетна Убавина и здравјеРецепти за јадења вредни за Мишелинска ѕвездичка што нема да ве доведат до банкрот! – Убавина и здравје

Рецепти за јадења вредни за Мишелинска ѕвездичка што нема да ве доведат до банкрот! – Убавина и здравје

од nenad
7 минути читај за

Кој вели дека луксузните јадења треба да чинат цело богатство? Со малку креативност и со неколку паметни одлуки при пазарењето, можете да уживате во вашите омилени деликатеси дома за четвртина од цената што би ја платиле за нив во ресторан. Без разлика дали сакате да ги воодушевите гостите со отмена вечера или да се почестите себеси, следниве неколку рецепти ќе ви помогнат да приготвите специјалитети вредни за Мишелинска ѕвездичка – без да банкротирате!

РИЗОТО СО ТАРТУФИ

Кремливо, богато и полно со „петтиот вкус“ умами, ризотото со тартуфи сосема заслужено важи за еден од најголемите деликатеси во голем број луксузни ресторани. Еве како да заштедите доколку сакате да го приготвите дома: наместо да користите скапи свежи тартуфи, употребете капка масло од тартуфи и поекономични печурки, како портобело или буковки.

Состојки:

За 4 порции:

  • 300 г ориз арборио (околу 150 ден. или 30-50 ден. за поевтин ориз)
  • околу 1 л супа од зеленчук (пакување со 6-10 коцки за супа чини 30-60 ден.)
  • 100 г печурки портобело или буковки (15-20 ден. за потребната количина)
  • 1/2 мал кромид (1 кг кромид е 30-40 ден.)
  • 2 чешниња лук (2-3 ден.)
  • 120 мл бело вино (50-80 ден. за потребната количина)
  • 50 г рендан пармезан (60-75 ден. или 30-50 ден. ако користите поевтино сирење)
  • 2 лажици путер или маслиново масло (околу 20 ден.)
  • 1 лажица масло од тартуфи (шише од 250 мл чини околу 1.000 ден., 1 лажица би чинела 60-120 ден.)
  • сол и бибер по вкус
  • свеж магдонос за декорација

Приготвување:

1. Пригответе ја супата од коцка или кесичка и одржувајте ја топла на ниска температура.

2. Во поголемо тенџере, загрејте 1 лажица путер или маслиново масло на средна температура. Додајте сечкани кромид и лук и загревајте ги додека омекнат.

3. Додајте ги сечканите печурки и гответе ги додека станат кафени, околу 5 минути.

4. Додајте го оризот и тостирајте го 1-2 минути. Потоа, сипете го виното и мешајте додека се впие.

5. Постепено додавајте од супата со постојано мешање. Почекајте да се впие течноста пред да додадете уште. Продолжете со оваа постапка додека оризот стане кремлив (околу 20 минути).

6. На крај, додајте пармезан, преостанатиот путер и масло од тартуфи. Зачинете со сол и бибер. Декорирајте со магдонос и уште пармезан, по желба.

Потребен буџет: 400-500 ден. за четири порции. Во ресторан една порција би ве чинела и до 1.000 денари.

ТЕСТЕНИНИ СО РАКЧИЊА

Тестенините со морски плодови се неизоставен дел од менито на врвните ресторани. Пригответе ги сами и заштедете така што ќе искористите замрзнати ракчиња – ако ги зготвите во богат сос со путер и лук, ќе го добиете истиот луксузен вкус.

Состојки:

За 4 порции:

  • 250 г шпагети (20-30 ден. за потребната количина)
  • 250 г замрзнати ракчиња (150-200 ден. за потребната количина)
  • 3 лажици путер (17-25 ден.)
  • 4 чешниња лук (4-6 ден.)
  • 1/2 лажиче црвен пипер
  • 120 мл од водата во која се вареле тестенините
  • 1/2 мал лимон (5-7 ден.)
  • 1/2 лажиче сол
  • 1/2 лажиче бибер
  • 2 лажици рендан пармезан (околу 30 ден. за потребната количина)
  • свеж магдонос за декорација (5-10 ден.)

Приготвување:

1. Сварете ги шпагетите во посолена вода според упатствата на пакувањето. Пред да ги исцедите, зачувајте 120 мл од водата за сосот.

2. Ако користите замрзнати ракчиња, исчистете ги, исплакнете ги во студена вода, па исушете ги со хартија.

3. Во поголемо тенџере, стопете 2 лажици путер на средна температура. Додајте иситнет лук и црвен пипер, па пржете го 30 секунди додека почувствувате пријатен мирис.

4. Додајте ги ракчињата во тенџерето, зачинете со сол и бибер и пржете ги по 2-3 минути од двете страни, додека станат розови. Извадете ги ракчињата од тенџерето и тргнете ги на страна.

5. Додајте ги преостанатиот путер, зачуваната вода од тестенините и лимонов сок и кора. Мешајте и загревајте 1-2 минути.

6. Вратете ги ракчињата во тенџерето, додајте ги сварените шпагети и промешајте убаво. Посипете рендан пармезан и оставете сето тоа да се соедини уште некоја минута. Послужете ги тестенините со свеж магдонос и пармезан, по желба.

Потребен буџет: 0колу 300 ден. за 4 порции. Во ресторан една порција би ве чинела околу 700 денари.

ДОМАШНО СУШИ


Поврзани објави

Сушито секогаш асоцира на елеганција и прецизност. Со малку трпение, можете да го приготвите дома, и тоа со економични состојки. Користете конзервирана туна или имитација на краба (сурими), наместо лосос или свежа риба и ќе можете да уживате во овој деликатес кога и да посакате. Препорака: набавете си само бамбусова подлога за да можете убаво да го завиткате сушито, без да ви се распадне.

Состојки:

За 4 суши-ролатчиња

За оризот:

  • 200 г бел ориз (12-16 ден. за потребната количина)
  • 2 лажици оцет
  • 1 лажица шеќер
  • 1/2 лажиче сол
  • За полнењето:
  • 1 среден морков, на ленти (3-5 денари за потребната количина)
  • 1/2 краставица, на ленти (6-9 денари)
  • 1 мало авокадо, по желба (50-80 ден. за парче)
  • 1 конзерва туна, исцедена и измешана со 1 лажица мајонез (80-100 ден.)
  • 4 сурими-стапчиња (25-35 ден. за потребната количина)

За редење:

  • 4 листови од сушена алга (20-30 ден. за потребната количина)
  • соја-сос (500 мл чини 50-80 денари)
  • сусам, васаби и закиселен ѓумбир, по желба

Приготвување:

1. Измијте го оризот и згответе го според упатствата на пакувањето. Оставете го да се излади малку. Во помала чинија измешајте оцет, шеќер и сол, па додајте ја мешавината во топлиот ориз и оставете го целосно да се олади.

2. Исечкајте го зеленчукот на тенки листови. Измешајте ја туната со лажица мајонез. Испечете ги стапчињата сурими според упатствата на пакувањето.

3. Почнете да го редите сушито. Поставете лист од сушена алга (нори) на бамбусова подлога или пластична фолија. Намокрете ги дланките, па нанесете тенок слој ориз на 3/4 од површината на листот. Поставете го полнењето во рамна линија близу до долниот раб. Цврсто завиткајте со раце или подлога и залепете ги краевите со малку вода.

4. Со помош на остар, намокрен нож, исечкајте го суши-ролатот на мали залачиња. Послужете со соја-сос и уживајте!

Потребен буџет: околу 200 ден. за 4 суши-ролатчиња. Во полуксузен ресторан, најевтиното суши-ролатче чини околу 400 ден.

ЛАВА-КОЛАЧ ОД ТЕМНО ЧОКОЛАДО

Благодарение на средишниот стопен и кремлив дел, овој десерт претставува вистинско задоволство! Во рестораните може да чини цело богатство, но ако си го приготвите сами користејќи темно чоколадо наместо скапо, висококвалитетно чоколадо, ќе добиете слична неодолива хармонија на богати вкусови.

Состојки:

За 2 порции:

  • 100 г темно чоколадо, со најмалку 50-60% какао (50-100 ден.)
  • 50 г путер (16-24 ден. за потребната количина)
  • 50 г шеќер
  • 1 јајце (5-7 ден. по парче)
  • 1 жолчка од јајце
  • 1/4 лажиче екстракт од ванила (50 мл е 50-100 ден.)
  • 30 г сенаменско брашно (1 кг е 30-40 ден.)
  • прстофат сол
  • шеќер во прав, по желба
  • сладолед или шлаг, по желба (околу 20 ден. за потребната количина)

Приготвување:

1. Загрејте ја рерната на 220˚Ц. Намрсете две калапчиња со путер и посипете ги со малку брашно.

2. Во огноотпорен сад, стопете ги темното чоколадо и путерот заедно. Загревајте ги во интервали од 20-30 секунди и промешувајте ги помеѓу секој интервал, додека целосно се стопат. Можете да го направите истото на пареа на ниска температура.

3. Во посебен сад изматете шеќер, јајце, жолчка од јајце и екстракт од ванила, додека добиете соединета смеса. Додајте ја стопената мешавина од чоколадо и убаво измешајте.

4. Додајте ги брашното и солта во мократа смеса. Мешајте додека се соединат убаво. Не претерувајте со мешањето – смесата треба да биде мазна и густа.

5. Рамномерно распределете ја смесата во двата приготвени калапи. Ако сакате да постигнете ефект на лава, може да додадете мало парче чоколадо во средината на секој колач.

6. Ставете ги калапите во претходно загреана рерна и печете 10-12 минути. Надворешноста треба да биде цврста, а средината треба да остане мека. Трикот е во тоа да не го препечете лава-колачот.

7. Оставете ги колачите да се оладат околу 2 минути. Внимателно поминете со нож околу рабовите за да се одделат, па префрлете ги на чинија. Посипете ги со шеќер во прав по желба и послужете ги со топка сладолед или шлаг.

Потребен буџет: околу 200 денари за две порции, во зависност од производите што ќе ги одберете. Во полуксузен ресторан, цената за една порција може да достигне и 300 ден.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: UNSPLASH, PIXABAY, FREEPIK