Почетна ЕкономијаПродолжи судската расправа во Струга за именувањето директори

Продолжи судската расправа во Струга за именувањето директори

од nenad
3 минути читај за

Во Основниот суд во Струга денес продолжи правниот процес против градоначалникот на Струга, Рамис Мерко, поради нелегално назначување директор во Основното училиште „Зини Хани“ во Велешта, како и против Егзона Шеј, која два последователни мандати ја извршуваше функцијата вршител на должност директор. Според обвинението, таа исто така се товари и за фалсификување документ.

Против Мерко се одржа и судска седница поради нелегитимно назначување директор во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, додека пак, рочиштето за незаконски поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда беше одложено.

Во врска со случајот во Велешта, обвинетата Шеј даде изјава пред судот, тврдејќи дека не била свесна оти при нејзиното вработување имало кривично дело, сè додека поштарот не ѝ доставил покана за во суд. Таа наведе дека пет години работела како професор по француски јазик, а истовремено предавала и етика поради намалениот фонд на часови.

Шеј изјави дека додека работела како професор, неколку пати побарала да ѝ се комплетира досието за приправник, но била одбиена од службите во училиштето, по што сама ги комплетирала документите за да полага приправнички испит. Обвинетата исто така наведе дека во ОУ „Зини Хани“ се вработила во март 2018 година како апсолвент на ФОН, бидејќи имало недостаток од професор по француски и англиски јазик. Иако била одбиена од училиштето поради непотполна документација, Инспекторатот за образование во Струга ја прифатил нејзината жалба и била вработена како апсолвент, бидејќи била единствена пријавена за бараното работно место. Во 2022 година станала вршител на должност директор во училиштето.

Адвокатот на обвинетата Шеј, Димитрија Цобоски, истакна дека неговата клиентка се товари дека употребила фалсификувана исправа, но дека од нејзината денешна изјава, како и од сите докази приложени со обвинителниот предлог, јасно се гледало дека ништо од наведеното како дејство на извршување на кривичното дело не е точно.

Во правниот процес против Мерко за незаконско поставување директор во Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, одбраната на обвинетиот денес побара испитување на вештото лице на обвинителството, а беше сослушан техничкиот советник на одбраната, Киро Костов.

Денес во судот во Струга беше одложено рочиштето во судскиот процес против Мерко за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. Причина за одложувањето, според судијата Јордан Јованов, е отсуството на застапникот на обвинението и чекањето исход од постапката по поднесената тужба од Општина Струга против решението на Комисијата за заштита од дискриминација.

„Тој предмет во моментот, според известувањето што го имам добиено од Управниот суд, од нивна страна е решен, меѓутоа е обжален од страна на подносителот на тужбата и се чека одлука од Вишиот Управен суд“, истакна Јованов. Тој појасни дека тужбата се однесува на решението на Комисијата за заштита од дискриминација, со кое се утврдува дека со плочата е сторено вознемирување.

Мерко, како градоначалник на Општина Струга, минатата година поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството, му е одземен пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.

Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко, е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција.