Никогаш не помислив дека кога ќе станам мајка ќе бидам постојано пред очите на другите луѓе, дека многу прсти ќе бидат вперени во мене, дека постојано некој ќе бара причина за да ме искритикува.
Приказната започна кога останав бремена. Само што гинекологот ми го потврди тоа, им кажав на моите најблиски и не можев да си ги приберам солзите од среќа. И веднаш почнаа муабетите од типот: „Зошто кажуваш? Па, не се кажува до трет месец“, „Носи ја долната облека однаопаку, да те почуди некој“, „А добра ли си?“. Си мислев што им е на луѓево… Секако дека сум добра, само што можев да заспијам стоејќи.
Кога започнав да повраќам, тетките станаа како трите наречници. Едната секој ден ме тераше да пијам некаков лек со мед, другата постојано ме потсетуваше да не пијам газирано и да не јадам благо, третата на секој половина час ми пишуваше порака за да ме праша дали сум добро и да ми спомне дека треба да пијам течности за да не дехидрирам од толку повраќање. Аман жено, дехидрирав од твоите пораки!
Кон крајот на бременоста, се изнаслушав муабети како од хорор филм. Најбезосетни беа колешките на работа. Постојано раскажуваа колку неиздржлива била болката за време на породувањето… Пфф, ете сте, сте издржале, си велев, сигурно не е толку страшно. И тамам си мислев сето ова ќе помине штом родам, на свет дојде Даријан. И наместо сите очи да се вперат кон него, тие останаа вперени кон мене.