Почетна Убавина и здравје„Преспански аванТУРИ“ – инклузивна велосипедска тура низ Преспа за лица со и без попреченост

„Преспански аванТУРИ“ – инклузивна велосипедска тура низ Преспа за лица со и без попреченост

од nenad
2 минути читај за

На 15 август 2026 година, со почеток во 9:00 часот, во Преспа ќе се одржи „Преспански аванТУРИ“ – инклузивна велосипедска тура наменета за лица со и без попреченост, љубители на природата, рекреативци и сите што сакаат да го доживеат Преспанскиот регион на поинаков и пристапен начин.

Настанот ќе започне во Претор, од каде учесниците ќе се движат по планирана рута кон Сливница, со завршница на плажите во Претор. По турата е предвиден заеднички пикник, дружење и можност учесниците да разменат искуства во природна и пријатна атмосфера.

Посебна вредност на настанот е можноста учесниците да се запознаат и да испробаат пет различни видови адаптивни велосипеди, наменети за лица со различни видови попреченост. Преку оваа активност ќе биде промовирана и новата услуга за изнајмување стандардни и адаптивни велосипеди, со цел велосипедскиот туризам во Преспа да стане подостапен за што поголем број посетители.

„Преспански аванТУРИ не е само спортски настан, туку заедничко искуство кое ги поврзува активниот престој во природа, социјалната инклузија и промоцијата на Преспа како пристапна туристичка дестинација“, изјави Гере Трипков од Здружение Икуалити. Настанот испраќа јасна порака дека природата, рекреацијата и туристичките содржини треба да бидат достапни за сите.

Турата ќе биде поддржана со освежителни пунктови, информативен и медиумски простор, видливост долж рутата и организациска поддршка за безбедно и удобно учество. Учеството е бесплатно, со задолжително претходно пријавување.

Настан: „Преспански аванТУРИ“
Датум: 15 август 2026 година | Почеток: 9:00 часот
Локација: Претор раскрница – Претор плажи – Сливница плажи – Претор плажи
Завршница: Пикник и дружење на плажите во Претор
Учество: Бесплатно, со претходно пријавување
Пријавување: https://t.ly/cYx61

Дополнително, ги информираме граѓаните, локалните мештани и посетителите на Општина Ресен и Преспа дека на 15 август во периодот од 09:00 до 12:00 часот сообраќајот во околината на Претор и Сливница ќе се одвива по времен режим. Патиштата кои ги опфаќа рутата ќе бидат времено ограничени за движење и сообраќај, до звршување на настанот.

Возиме низ Преспа. Ја доживуваме природата. Ја правиме достапна за сите.

Настанот се реализира во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, чија цел е развој и промоција на нови, одржливи и инклузивни туристички содржини во Преспанскиот регион. Во рамки на проектот ќе биде реализирана и следната активност – Преспа Retreat, автентично искуство кое ќе ги поврзе природата, локалните производи, свесното движење, звукот, терапевтските практики и културно-туристичките содржини во програма од 1 до 5 септември 2026 година во Брајчино.

Проектот „Магијата на Преспа“ е дел од програмата #EUforPrespa, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, a реализирана од УНДП во партнерство со други вклучени страни.