Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска беше во официјална посета на Будимпешта, на покана од министерот за јавна администрација и регионален развој на Унгарија, Тибор Наврачич.
Од Министерството за локална самоуправа известуваат дека целта на билатералната средба е да се зајакне соработката помеѓу двете држави и да се постават стабилни основи за пренесување на искуства и знаења во областите на регионалниот развој и локалната самоуправа, вклучувајќи и размена на практики од користењето на фондовите на Европската Унија.
На средбата станало збор за актуелната состојба во ресорните области кои ги водат двете министерства, за постигнатиот прогрес во текот на изминатата година, како и за реформските процеси кои се спроведуваат со цел да се унапреди ефикасноста и одговорноста во работењето.
„Изминатава година суштински ја анализиравме ситуацијата на терен и потребата на општините за долгорочен развој. Започнавме со најголема поддршка за општините досега која ја обезбеди Владата во партнерство со Унгарија за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во сите општини“, истакнал министерот Перински, додавајќи дека преку добро испланирани политики, поддршка за локалната економија и таргетирани инвестиции во инфраструктурата, може да се изгради поодржлив систем.
Перински ја подвлекол важноста од размена на знаење и успешни практики од Унгарија, посебно во делот на ефективната поддршка за општините, реформирањето на институционалната структура на Министерството за локална самоуправа и дигитализацијата на локалните услуги.
Во фокусот на дискусиите биле и можностите кои ги нуди програмата на ЕУ – URBACT, која овозможува кооперација и размена на иновативни идеи меѓу европските градови.
„Соработката со држави како Унгарија, која има богато искуство со европските фондови, може да даде значаен придонес во креирањето на нашите стратешки насоки за одржлив и рамномерен развој“, потенцирал Перински.
Во рамки на посетата, како дел од официјалната агенда, е реализирана и протоколарна посета на унгарскиот Парламент.
сст/вг/Фото Министерство за локална самоуправа
Извор: МИА