Лето, море, плажа и долгоочекуван одмор и токму тогаш започнува менструацијата. Иако првата реакција често е дека тајмингот не можел да биде полош, менструацијата не треба да биде причина за промена на летните планови. Токму на оваа тема, во новото видео од серијалот на dm посветен на женското здравје, зборува д-р Елма Абдула Хасанаговски, специјалист по гинекологија и акушерство, која објаснува како со неколку промени во навиките може полесно да се грижиме за менструалната и интимната хигиена во услови на високи температури, влага и престој во вода.
Во видеото, д-р Хасанаговски ги издвојува најчестите грешки за време на менструација на плажа – од несоодветен избор и употреба на производи за интимна хигиена и тампони, до предолго останување во мокар костим за капење и избор на несоодветна долна облека.
Кога станува збор за интимната хигиена, д-р Хасанаговски советува да се избираат висококвалитетни производи без парфеми и парабени, со pH вредност соодветна на кожата, особено затоа што во летните денови интимната регија е изложена на повисоки температури и поголема влага.
Посебно внимание треба да се посвети и на правилната употреба на тампоните. Според д-р Хасанаговски, една од честите грешки е нивното предолго користење, па советува да се обезбедат соодветни услови за нивна замена во период од околу пет до шест часа. Кај влошките, пак, препораката е да се избираат производи од природни материјали, по можност памук.
И изборот на облека може да придонесе за поголема удобност. Долната облека треба да биде памучна и нежна кон телото, а по излегувањето од вода се препорачува мокриот костим за капење да се замени, наместо долго да се останува во него.
Еден од наједноставните совети за полесна организација е подготовката на мал несесер во кој ќе бидат сите потребни производи за менструална и интимна хигиена. На тој начин, без разлика дали денот го поминувате на плажа, на патување или во истражување на нова дестинација, сè што ви е потребно е при рака.
Како што посочува д-р Хасанаговски, менструацијата за време на годишниот одмор не е проблем – важно е да воведеме навики со кои ќе си го олесниме одморот и ќе се приспособиме на летните услови.
Отворањето простор за разговор за женското здравје е дел од активностите на dm и во изминатите две години. Во 2024 година, dm го лансираше својот поткаст „Женски ритам“, со желба да понуди сеопфатно информирање и да им даде простор на темите за кои ретко се зборува, разгледувајќи го физичкото, менталното, социјалното и менструалното здравје на жените од различни перспективи.
Приказната продолжи и со втората сезона на „Женски ритам“, во која се отворија важни теми кои се дел од секојдневието на жените. Низ разговори за физичкото, менталното, менструалното и социјалното женско здравје, како и преку личните искуства на гостите, поткастот продолжува да отвора простор за информирање, охрабрување и разговор за тоа што значи да се биде #скрозјас.
Оваа година, dm ја продолжува темата за женското здравје и преку серијал едукативни видеа, во кои стручни лица обработуваат различни прашања и споделуваат информации и практични совети. Видеата може да се погледнат на профилите на dm на социјалните мрежи, а меѓу нив е и разговорот со д-р Елма Абдула Хасанаговски за менструалната хигиена за време на летниот одмор.
Затоа што менструацијата е природен дел од женскиот ритам и со соодветна грижа и навики, не мора да биде причина да се откажеме од морето, плажата и долгоочекуваните летни моменти.