Европскиот парламент даде конечно одобрување за модификациите во актуелниот циклус на финансирање на кохезивната и социјалната политика на ЕУ, како одговор на новите предизвици и приоритети на Унијата.
Пратениците во Европскиот парламент со 440 гласа „за“, 168 „против“ и 52 „воздржани“ го поддржаа пренасочувањето на финансиските средства од Европскиот фонд за регионален развој, Кохезивниот фонд и Фондот за праведна транзиција, а со 453 гласа „за“, 149 „против“ и 59 „воздржани“ го одобрија и Европскиот социјален фонд+.
Намерата на овие модификации е да се активираат финансиски средства за решавање на новите предизвици на ЕУ во контекст на геополитичка несигурност. Ова овозможува пренасочување на парите за други потреби, како што се зајакнување на одбранбените индустриски способности и воената мобилност, осигурување пристап до вода, овозможување достапно и одржливо домување, спроведување на декарбонизацијата, подобрување на енергетската инфраструктура или зајакнување на цивилната заштита, подготвеност и кибер безбедноста.
Дополнително, измените предвидуваат и пораст на поддршката за регионите на ЕУ кои се граничат со Русија, Белорусија и Украина за 9,5 отсто, како резултат на “нивните уникатни безбедносни предизвици и геополитичко значење”.
Со цел да се одржи фокусот на кохезивната политика за асистенција на малите и средните претпријатија и на помалку развиените региони, право на користење средства за технологијата, одбраната и декарбонизацијата ќе имаат само големите компании од областите на ЕУ каде просечниот бруто домашен производ по жител е под европскиот просек.
Како исклучок од ова правило се воведува т.н. “Важен проект од заеднички европски интерес”, за кој нема да важи одредбата за нивото на развиеност на регионот во кој тој треба да биде спроведен.
Инаку, како и останатите финансирања од ЕУ, така и распределбата на средства за новите проекти согласно усвоените измени, е условена со почитување на начелата на владеење на правото во земјите кои аплицираат.