На неодамнешниот дигитален собир, високи претставници од сите генерални дирекции на Европската комисија, заедно со министри од земјите на Западен Балкан, разговараа со транспортните оператори. На средбата беше потврдено дека акутното прашање со професионалните возачи во автомобилскиот транспорт бара итно дејствување. Поради тоа, Европската комисија закажа нова средба за втората недела од следниот месец, на која ќе биде предложено преодно решение.
„Со оглед на итноста на ситуацијата и неодамнешните протести, Европската комисија организира состанок на работната група за втората недела од февруари, на кој ќе биде презентиран предлог за привремено решение. Во работната група, освен државните претставници, ќе учествуваат и по еден член од редовите на превозниците, амбасадите во Брисел и транспортната заедница“, стои во соопштението издадено од Меѓународната асоцијација за транспортен бизнис од Белград.
На денешниот онлајн форум, што се одржа во Брисел, а беше фокусиран на проблемите со кои се соочуваат возачите од овој регион по воведувањето на системот EES во Европската Унија, беше истакнато дека новата стратегија предвидува решение кое ќе бара повеќемесечна имплементација. Поради тоа, неопходно е брзо да се преземат чекори за наоѓање на прагматично решение кое нема да бара измени во постојните законски акти, а сепак ќе обезбеди олеснување за моменталната состојба на професионалните возачи.
„Европската комисија ќе има секојдневна комуникација со амбасадорите на земјите од Западен Балкан во Брисел, со цел да обезбеди континуирана размена на информации“.
„За време на состанокот, претставниците на Европската комисија се осврнаа на протестите кои беа организирани минатата недела од страна на превозниците од Западен Балкан и ја потенцираа сериозната негативна последица врз европската економија. Претставниците на Србија и Босна и Херцеговина постојано нагласуваа дека доколку не престанат апсењата и депортациите на професионални возачи, може да се очекуваат уште помасовни протести од страна на транспортерите и повторно блокирање на патиштата во блиска иднина“.