Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во текот на месец декември спроведе засилени инспекциски надзори кај угостителските објекти на територијата на целата држава, со цел обезбедување почитување на законските прописи и заштита на јавниот интерес.
Во овој период биле спроведени вкупно 542 инспекциски надзори, од кои 269 врз основа на Законот за угостителска дејност, а 273 согласно Законот за заштита од пушење.
При извршените контроли, кај дел од правните субјекти биле утврдени неправилности, по што, согласно законските одредби, биле издадени 96 прекршочни платни налози во вкупен износ од 2.823.870 денари. Дополнително, изречени се и 26 мерки – привремена забрана за вршење на дејност.
Од ДПИ информираат дека инспекциските надзори ќе продолжат и во наредниот период, со цел доследна примена на законите и заштита на правата и здравјето на граѓаните.
Воедно, Државниот пазарен инспекторат упатува апел до угостителите да ги почитуваат законските обврски и прописи, со цел непречено работење и избегнување санкции.