Почетна ЕкономијаДимитриеска-Кочоска во Загреб, потпишан Меморандум за развој на пазарот на капитал во ЦЈИЕ

Димитриеска-Кочоска во Загреб, потпишан Меморандум за развој на пазарот на капитал во ЦЈИЕ

од nenad
2 минути читај за

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, заедно со министрите за финансии и економија од Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, денес во Загреб потпишаа Меморандум за разбирање во врска со соработката во еволуцијата на пазарите на капитал.

„Оваа иницијатива има за цел поттикнување на заедничкиот развој на националните пазари на капитал на земјите учеснички преку поблиска соработка и усогласување на регулаторните рамки, со крајна цел зголемување на ликвидноста и создавање посилни, повидливи, поефикасни и поконкурентни пазари на капитал.”

Министерството за финансии објави дека со искористување на целосниот потенцијал на пазарите на капитал и поширокиот финансиски сектор, земјите кои учествуваат имаат намера да ги засилат своите економии и да ја интензивираат соработката.

Кон крајот на 2024 година, берзите во Братислава, Букурешт, Будимпешта, Љубљана, Скопје, Софија, Варшава и Загреб, потпишаа Меморандум за разбирање со цел да ја зацврстат соработката и интеграцијата на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа, со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која постојано го помага овој процес, односно иницијатива.

Министерството за финансии посочува дека државите кои денес учествуваа на потпишувањето на Меморандумот ја потврдија постоечката заедничка политичка волја и визија, фокусирани кон зајакнување, поголема продуктивност и конкурентност на пазарите на капитал во земјите од Централна и Југоисточна Европа.

На тој начин, тие нагласуваат, се ратификува заложбата за соработка, со акцент на развојот на пазарите на капитал и преземање на неопходните чекори за зајакнување на капацитетите на пазарите на земјите од Централна и Југоисточна Европа за финансирање, стимулирање на инвестиции и унапредување на стабилен економски пораст.

„Меморандумот е исто така усогласен со целите на Европската Унија, особено со нејзината Стратегија за унија на штедење и инвестирање, чија цел е насочување на заштедите на домаќинствата и приватниот капитал кон пазарите на капитал за да се поттикнат инвестициите, особено во малите и средни претпријатија, да се подобрат прекуграничните текови на капитал и да се изгради подлабок, поликвиден и поотпорен пазар на капитал во рамките на Европската Унија”, информираат од Министерството за финансии.

лв/вј/фото: Министерство за финансии.