Денес и утре, поради празникот Водици во Грција, според најавите, грчките земјоделци нема да ги прекинат премините на граничниот премин Евзони и се очекува сообраќајот да се одвива непречено, како што беше случај за Божиќ и за Нова година, со цел да се олесни патувањето на граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина. Од друга страна, на граничниот премин Ники (Меџитлија), како што информираа од АМСМ, од 9 часот во прекин ќе биде сообраќајот за товарни возила.
Акциите на земјоделците започнаа на 30 ноември, а ден подоцна, на 1 декември, земјоделците од северна Грција своите машини ги паркираа на граничниот премин Евзони и секојдневно, на неколку часа, го прекинуваа сообраќајот од и кон нашата земја за сите возила, со исклучок на деновите пред и по Божиќ, Нова година и сега за Богојавление, како што е случај со сите блокади низ цела Грција.
Во неделата, претставници на земјоделците од сите групи на состанок одлучија 48-часовна блокада во цела Грција, односно в четврток и петок да се прекине сообраќајот на целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци, како и граничните премини.
Според информациите на МИА, земјоделците од Евзони ќе учествуваат во предвидените 48-часовни активности, но планираат в среда да одржат состанок за да донесат одлука за типот на блокадата, односно дали граничниот премин ќе биде затворен два дена само за камиони или за сите возила.
Сепак, откако владиниот портпарол Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите соопшти дека „в среда наутро Владата ќе ги објави, во суштина, ќе ги прецизира мерките што веќе се најавени“, земјоделците очекуваат да ги чујат овие мерки, па потоа ќе излезат со став, дали ќе одговорат позитивно и ќе ги прекинат протестите или пак ќе продолжат со планираната 48-часовна блокада.