Премиерот Христијан Мицкоски во своето излагање на денешната сесија на Економско-социјалниот совет, кој се состанува по подолг период, нагласи дека може да се креираат поволни решенија доколку интересот на граѓаните има приоритет пред личните или политичките несогласувања.
Несогласувањата помеѓу Владата и дел од синдикатите, како и со останатите чинители во склоп на Советот, според него, претставуваат дополнителна причина за поотворен и пореален дијалог.
Мицкоски изрази надеж дека ќе биде одобрена програмата за работа на ЕСС за тековната година, нагласувајќи дека тоа ќе претставува доказ дека овој Совет не е само формален, туку функционален механизам за вистински општествен дијалог и за донесување одлуки кои се во интерес на народот.
Според Мицкоски, Владата демонстрира дека државата може да се управува со стабилни финансии, зголемување на платите, поддршка на стопанството и комуникација со сите општествени чинители. „Ако навистина сите сакаме подобро утре, укажа, тогаш тоа почнува со чесна работа денес.“
Тој порача да зборуваат бројките, а не голата и празна реторика, резултатите а не оправдувањата и изговорите, граѓаните а не празни флоскули содржани во соопштенија.
„Оваа Влада има јасна слика за реалната состојба во која живеат граѓаните, свесни сме за тешкиот живот дека предизвиците се реални и дека стандардот не може да се подобри преку преку ноќ.“
„Знаеме дека ако сите тука веруваме дека интересот на граѓаните е поважен од личните или политички разлики тогаш сигурен сум дека можеме и ќе донесеме добри решенија. Точно е дека постојат разлики помеѓу Владата и дел од синдикатите како и со другите чинители во рамки на овој совет, но тоа не е причина да нема дијалог, напротив тоа е дополнителна причина тој дијалог да биде поискрен и поотворен. Ако на сите овде ни е подеднакво важен интересот на граѓаните тогаш знам дека решенијата ќе бидат добри. Кога постои волја тогаш постои и пат, а волјата тука денес ја има и од наша страна и од страна на социјалните партнери“, рече Мицкоски, во обраќање пред утврдувањето на дневниот ред на седницата на ЕСС.
Премиерот оцени дека изминатата година работеле тивко и без многу врева, но „со јасна цел да ги поместат работите од мртва точка. Тоа, истакна, веќе се гледа.“
„Во мај нето и бруто платите пораснаа за 11 проценти, во образованието, здравството, администрацијата и полицијата веќе има повисоки пати. БДП на реална основа во првиот квартал веќе порасна за 3,2 проценти со што остваривме четврти најголем раст на БДП. Индустриското производство во мај порасна за 9,4 проценти споредено со истиот месец члани, а во вториот квартал првпат после не знам колку години очекуваме да имаме раст. Тоа не е случајност, тоа е резултат на системски чекори и економски политики базирана на фискална дисциплина и поддршка на реалниот сектор. Ако сакаме економија што произведува тогаш мора да има -ме држава што поддржува во рамките на своите можности“, посочи Мицкоски.
Како што појасни, за поддршка на компаниите годинава се обезбедени 250 милиони евра, а уште 250 милиони евра се наменети за општините за реализација на капитални проекти.
Тој исто така напомена дека јавниот долг е намален за 4,7 процентни поени во однос на БДП и оти се очекува буџетскиот дефицит да биде околу 4 проценти, а како што рече, зошто да не и под 4 процент од БДП оваа година.
„Целосно е отплатена еврообврзницата во износ од милијарда евра и не се издаде нова за да се врати оваа. Кога државата ја почитува својата обврска има право да бара почит и од другите. Тоа е двонасочна улица. Усвоена е и фискалната стратегија која е насочена кон подобрување на макроекономската стабилност, ја зацврстива основата за стабилен раст во наредните пет години“, истакна Мицкоски.
лв/бак/Фото: Принтскрин.
Извор: МИА