Новиот мобилен оператор „4iG“ планира да ја користи сателитската технологија на „Старлинк“ (Starlink), компанијата на милијардерот Илон Маск, а Македонија би можела да биде меѓу првите земји во кои ќе се примени ваквиот модел на поврзување. Ова го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Одговарајќи на прашањето дали унгарската телекомуникациска компанија ќе гради сопствена 5Г-мрежа, Николоски посочи дека веќе е објавена стратешка соработка со „Старлинк“. Според неговите информации, компанијата во моментов користи базни станици под наем, а по завршувањето на тестирањето треба директно да премине на сателитската инфраструктура.
Тој оцени дека ваквата соработка би претставувала значаен технолошки исчекор за земјата, посочувајќи дека покрај Македонија, меѓу првите пазари за директна примена на оваа технологија се очекува да биде и Црна Гора.
Николоски беше прашан и за можноста Илон Маск да го прекине пристапот до услугите, како што се дискутираше во контекст на војната во Украина. Министерот смета дека такво сценарио не треба да се очекува во комерцијалното работење, правејќи разлика меѓу комерцијалните услуги и употребата на технологијата за воени цели.
„Не мислам дека во комерцијалниот дел тоа би го направил. Таму, објасни мислам и секретарот Рубио, се работи за државен воен дел итн., комерцијалниот дел е нешто сосема друго“, изјави Николоски.
Во врска со најавените проверки од унгарската влада и нивното можно влијание врз инвестициските планови на „4iG“ во Македонија, министерот рече дека компанијата има конкретни рокови за проширување на мрежата. Според концесискиот договор, до март 2027 година треба да биде покриен најмалку еден град, додека до крајот на истата година операторот треба да обезбеди присуство низ целата држава.
Како почетна локација компанијата го избрала Скопје, што според Николоски е показател за сериозноста на инвестицијата, имајќи ја предвид економската и комуникациската важност на главниот град.
„Можеа кој било град да одберат, тие го одбраа градот Скопје. Штом Скопје го одбраа како прв град што ќе го покријат, кој веројатно како комуникација е и над 50 проценти од целокупниот пазар во државата, тоа говори колку се сериозни“, нагласи министерот.
Тој повторно изрази очекување дека влезот на третиот мобилен оператор ќе предизвика значително намалување на цените на телекомуникациските услуги. Според него, понудите на новиот оператор би можеле да бидат значително поевтини од оние на двата постојни оператори, што би ја зголемило конкуренцијата и би им овозможило на граѓаните да избираат меѓу повеќе и поповолни тарифни пакети.
Николоски рече дека и претходно укажувал оти појавата на трет мобилен оператор во голема мера зависи од однесувањето на постојните компании на пазарот. Според неговата оценка, досегашната понуда оставила простор за нов конкурент кој би можел да привлече корисници со пониски цени и поинакви услуги.
Осврнувајќи се на односите со Унгарија, министерот оцени дека тие остануваат добри и дека нема индикации оти актуелните проверки ќе ги нарушат билатералната соработка и планираните инвестиции. Како пример ја посочи посетата на вршителот на должноста амбасадор на Унгарија во Македонија на почетокот на градежните работи на автопатската делница Букојчани – Кичево.
Според Николоски, поддршката што унгарската амбасада јавно ја изразила за проектот покажува дека комуникацијата меѓу двете земји продолжува и на институционално ниво. Тој најави дека се очекува и средба со унгарскиот министер за транспорт, со кого, како што рече, има долгогодишно познанство.
Министерот уверува дека инвестициите се реализираат според предвидената динамика, а доаѓањето на „4iG“ го претставува како можност за поголема конкуренција на телекомуникацискиот пазар. Сепак, конкретните ефекти врз цените и квалитетот на услугите ќе зависат од тоа кога операторот ќе започне со работа, каква мрежна покриеност ќе обезбеди и какви пакети ќе им понуди на корисниците.