Почетна Убавина и здравјеВе запознаваме со уметникот Сергеј Калеников, неговото творештво и размислувања за уметноста во Македонија (ФОТО) – Убавина и здравје

Ве запознаваме со уметникот Сергеј Калеников, неговото творештво и размислувања за уметноста во Македонија (ФОТО) – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Table of Contents

Во светот на уметноста, каде боите и облиците го создаваат неповторливиот израз на емоциите и мислите, се истакнуваат уметниците кои со својата креативност успеваат да го пленат вниманието на луѓето. Еден од тие уметници е Сергеј Калеников.

Сергеј студирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што ги усовршувал своите вештини и развил уникатен стил. Во ова интервју, ќе имаме можност да се запознаеме со неговите инспирации, предизвиците и визии, и да дознаеме повеќе за неговиот начин на размислување на тема уметност.

1. Сергеј да почнеме од самите почетоци, кога за првпат ја откри твојата љубов кон уметноста и што те натера да сакаш да креираш?

Отсекогаш. Памтам како дете пред да можам воопшто да држам правилно молив со здивот ги замаглував прозорците дома за да можам со прст да си цртам стрипови. Тогаш ми имаа смисла, сега не ја памтам содржината на моите рани наративи. Ова се надоврзува со вториот дел од прашањето. Лично како уметник отсекогаш сум се обидувал да си го објаснам светот и да се обидам да го пренесам тоа искуство на другите. Мотивот, дали е сега или како дете, отсекогаш бил да им прикажам на луѓе како јас го гледам светот, а не како они да го гледаат.

2. Кои се главните теми и идеи што ги вклучуваш во твоите дела, и како тие се развиваа и менуваа со текот на времето?

Завршив средно уметничко „Лазар Личеноски“ и дипломирав на факултет за ликовни уметности. Повеќето од мојот живот немав лични теми. Копирав од мајстори, цртав и сликав за да се чувствувам сугурен во тоа што го правам. Негде во средина на студиите почнав со апстрактна-експресија да се бавам, ми требаше поголем предизвик и нешто еклектично. Од тогаш само продолжувам да истражувам како може филозофијата и јазикот да сe пренесе во ликовноста.

3. Дали има некој проект или изложба на која особено си горд? Сподели го тоа искуство.

Првата самостојна изложба ми беше во јуни оваа година. Изложив 10 дела во галеријата на КИЦ покрај француската уметница Симоне Магали Суире. Вкупно имавме 20 дела. Убаво искуство беше бидејќи моравме да го делиме истото атеље за да ја оствариме изложбата. Мислам дека беше доста посетувана и имаше добра реакција. Најблиску било до тоа што сакам да го прикажам до сега.

4. Како се справуваш со моментите на креативна блокада, и што правиш за повторно да ја разбудиш инспирацијата?

Кога не внимавам на себе, кога не сакам да мислам. Лекот е да си присутен и отворен на нешто ново.

5. Дали има некои теми или мотиви што се уште не си ги истражил, но би сакал да ги вклучиш во твојата работа?

Да, има многу. Некогаш идејата ако не се задржи може да одлета и да тера човек на грев. Штета е да се остават работите само на мисла или муабет. Понатаму сакам да истражам други медиуми надвор од сликарството.

Поврзани објави

6. Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како сликар и визуелен уметник во денешно време?

Важноста кај мене е да се живее од својата уметност. Зашто умнетниците да останат без леб? Проблемот е што се бара уметниците да ја балансираат својата креативна визија со практични деловни одлуки.

7. Како го гледаш развојот на уметничката сцена во Македонија, и што би сакал да се промени или унапреди за подобрување на условите за уметниците?

Мислам дека во Македонија касно се оформија уметничките правци, но безразлика имаме многу квалитетни автори од минатиот век се до денес и важно е да ги знаеме. Би сакал да се зголеми посетеноста на изложбите кај сите и општо почесто да се изложува.

8. Како ја гледаш иднината на современата уметност, и кои трендови мислиш дека ќе бидат значајни во наредните години?

Мислам дека пак има фокус на трудот вложен во делата, се бара поголема и поимпресивна продукција. За иднината интердисциплинарноста мислам дека ќе остане најважна, делата да не се категоризираат само како едно нешто.

9. Што би им препорачал на оние уметници кои се нови и се обидуваат да го пронајдат својот пат и стил во светот на уметноста?

Не треба да се грижат за стилот, тој сам си доаѓа и се содржи во секој човек. Би рекол само работи и вежбај. Макар и нешто „лошо“ ако создадете сепак е продуктивно бидејќи може да се учи од грешките. Само без притисок и грижа на совест.

10. Кои се твоите планови и амбиции за иднината како уметник?

Ме влече концептуалната уметност, скулптурата, инсталацијата. Понатаму би сакал да сум по смел и можеби да го пренасочам фокусот од мојата експресија на нешто по општо и поврзано со сплетот на општествените промени и уметноста.

Разговарала: Ева Јовановска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА