За Кого? За Македонија! Стискаме палци и навиваме за прва победа на СП!
Македонските ракометари денеска го играат вториот меч од СП 2023, но од резултатски аспект ова е стартот на Мундијалот за нас. Со таков пристап оставаме зад себе сето она што се случуваше со Норвешка и се насочуваме кон селекцијата која е „протир“ на друштвото ракометна буржоазија во Европа.
Холанѓаните се токму селекција која е на граница на четврт-финалистите, последна во топ-10 од минатогодишниот евро-собир, но со потенцијал, за кој се уште се плашиме да му ги процениме горните граници. Игра модерен и брз ракомет, предводена е од „малиот генерал“, Лук Стаинс, а на клупа и од легендата на шведскиот ракомет, Штафан Олсон.
Со други зборови, денеска имаме противник кој е идеално мерило дали оваа Македонија е созреана да лансира нов лет кон континенталната елита, како што беше тоа пред десетина години. Кога ние бевме петти во Европа, Холанѓаните играа претквалификации, а во оние главните за ЕП 2012 заврши со ефект 0-1-5.
Меѓутоа на стара слава не се добиваат резултати, затоа и ова е нова Македонија, со амбиција да создаде нови репери за нашите ракометни можности. Веруваме дека дуелот со Норвешка (27-39) не е реална слика за нив, иако примените 39 гола, некако, им даваат валидација на контролните пресметки во Пореч, пред СП, кога од Хрватска и од Израел примивме 77 гола за два часа игра.
Одбраната ќе биде на тешка мака и на овој меч, особено што ќе ѝ недостига Томислав Јагуриноски, еден од повоинствените и пргавите во тие задачи. Зоната 5-1 може и да ни донесе контра-услуга со подвижните Холанѓани, а голманите ќе мора да се истакнат и во зицер-ситуации. На другиот крај на теренот неопходно е да проработи шутот од далечина, имајќи ја предвид зоната 6-0 на Холандија, релативно пониска од нашите „бомбардери“.
Победа над Холандија нема да значи автоматско квалификување во втората фаза, но ќе остави само пресметки и теорија како Македонија не би продолжила меѓу најдобрите 12, пред завршниот дуел со Аргентина, во вторник. Од друга страна, пораз ќе значи само дека и да одиме во главната фаза тоа би било со 0 бодови, а пласманот ќе мора да го заработиме против светските прваци во фудбал.