Во духот на пријателството е и изјавата на кинескиот министер за одбрана Донг Џун за време на видео повикот со неговиот руски колега Сергеј Шојгу. Кинескиот министер рече дека тој „лично дава целосна поддршка на руската војна во Украина“. Ваквата изјава би можела да се интерпретира како популистички потег или личен став кој не е официјална позиција на Кина. Сепак, судејќи по реакциите кои ги предизвика изјавата, не е незамисливо дека Кина може да се соочи со најголемиот руски проблем: санкции.
Постапките на Русија доведоа до меѓународните санкции со кои значајно се намали побарувачката за руски извозни стоки. Кина тековно ја користи ваквата состојба за набавка на евтини руски сировини, кои Москва не може да ги продава на европскиот пазар, констатираат економистите. Ова сугерира дека дури и ако Русија ја изгуби војната, Кина би била во предност, со тоа што нејзиниот сосед би се симнал од пиедесталот како светска сила во рамки на источниот блок, констатираат познавачите на состојбата.
Сето ова води до проценката дека сè додека Руско – Украинската војна не ескалира во глобален конфликт, Кина активно профитира од постапките на рускиот лидер Владимир Путин, коментираат светските медиуми.
ДЕЛИКАТНО БАЛАНСИРАЊЕ
Наведените согледувања укажуваат дека Кина веројатно се наоѓа во релативно деликатна состојба: да не ја изневери декларираната поддршка за својот сојузник и истовремено да избегне санкции поради директна поддршка на руско – украинскиот конфликт кој видно ја поткопа руската економија како последица на меѓународните реакции. Во 2022 година Кина даде гаранции на западните земји дека поддршката на Пекинг нема да премине одредени граници, како на пример забрана за достави на мотори за возила кон Камаз. Портпарол на кинеската Комунистичка партија дополнително коментираше дека Народната република не може да ги контролира руските постапки. Евидентни беа и обидите на Кина да се наметне како медијатор во руско – украинската војна кон самите почетоци на руската инвазија, повикувајќи на мирно решавање на проблемите. Со ваквите декларации Кина се обиде да се презентира како миротворец пред меѓународната јавност, но податоците за економската размена меѓу Кина и Русија потенцијално водат кон следнава констатација: постои голема разлика меѓу тоа што го кажува Кина и тоа што го прави комунистичката држава.
ИНДИКАЦИИ ЗА ВОЕНО ПРОФИТЕРСТВО
Декларацијата на Путин дека во Украина врши „специјална воена операција“ не ги разубеди САД и Европа од изрекување на санкции против Русија кои веројатно се најдоа како „кец на десетка“ за вечниот пријател на рускиот лидер. Во 2023 година Кина бележи зголемена трговска размена со Русија од 240 милијарди евра, или 26,3 проценти повеќе во споредба со 2022 година. Во истиот период кинескиот извоз кон Русија е зголемен за 47 проценти. Во основа, тоа значи дека Народната република продавала речиси двојно повеќе стоки во Русија во 2023 година во споредна со 2022 година. Трговската размена се состои од нафта, автомобили, мобилни телефони па дури и спортска опрема.
На терен, украинските трупи немаат пронајдено остатоци од проектили со налепница „направено во Кина“, но тоа не значи дека кинеската трговска размена со Русија нема придонесено за зајакнување на руската воена машинерија. Имено, голем дел од руските проектили пронајдени во Украина се произведени во 2023 година. Во истата година Кина се појавува како главен добавувач на компоненти за „компјутерска нумеричка контрола“ за рускиот пазар. Станува поверојатно дека од 2023 година Кина директно ја снабдува руската воена индустрија со клучни компоненти и резервни делови. Официјалните податоци одат во прилог на ваквите претпоставки, како на пример податокот дека од 2022 година кинескиот извоз на „индустриски лагери“ кон Русија е зголемен за 345 проценти. Овие делови се клучни за производство на оклопни возила.
ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
Кон крајот на декември 2023 година, САД објавија санкции против странски банки кои се товарат за поддржување на руската војна во Украина. Додека банките се сомничат за директна или индиректна поддршка на непровоцираниот руски напад, американски медиуми нотираат дека Кина е главниот таргет на ваквите санкции. Руската „специјална воена операција“ евидентно носи специјални придобивки за Кина доколку се земе предвид податокот дека во текот на 2022 и 2023 година кинеските заеми за Русија се во износ од речиси 9 милијарди евра. Споредено со претходните 2,2 милијарди евра, станува збор за четири пати повеќе кинески пари кои се вбризгани во воената машинерија на Путин.
Кинезите исто така наводно се залагаат за употреба на нивната национална валута ренминби во тргувањето со Русија. Пред војната во Украина, уделот на кинеската валута во извозните плаќања беше помалку од 1 процент, додека сега се искачи на повеќе од 16 отсто. Во меѓувреме, Русија изврши масовни продажби на валути кои ги смета за „токсични“ како еврото, доларот и јенот, по што остана со најголемиот дел од ренминби како употреблива и ликвидна валута.
Додека ваквата постапка може да се интерпретира како јасно дистанцирање на Руската федерација од западниот блок, неизбежен е заклучокот дека со ваквите постапки, руските власти ја зголемуваат својата зависност од Кина, како во реалниот сектор така и во банкарските размени. Останува да се види дали ваквата состојба би резултирала со најголемата кинеска кредитна замка во која ќе се заробила најголемата по територија држава во светот.
ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ЗАСИЛЕН ПРОБИВ НА БАЛКАНОТ
Кога се разгледува геостратешкото позиционирање на балканските земји, клучното прашање е кон кого Балканот треба да се наклони: кон источниот блок на чело со Русија и Кина или кон западните сојузи? Во овој контекст, често се коментира за руско и кинеско влијание низ балканските земји, често нотирано во јавноста како попречувачи на европските интеграции. Пред т.н. „специјална воена операција“„ на Путин, јавниот дискурс во Северна Македонија се концентрираше на руското влијание, поделувајќи ги „аналитичарите“ на два табори: оние кои сметаат дека евроинтеграциите се клучни за македонскиот развој и напредок и оние кои тврдеа дека вртењето кон Русија е гарант за македонскиот идентитет и безбедност.
Но што ќе се случи сега, откако Русија јасно се позиционира како зависник од кинеските пари и кинескиот увоз? Доколку Русија се најде во кинеска кредитна замка, основано е да се прогнозира дека Кинеското влијание ќе стане доминантно прашање за македонското глобално позиционирање и судбината на Балканот.
Оттука, следни теми на дискусија, како за вистински упатените па и за „универзалните аналитичари“ би биле дали Кина е идеален партнер за Балканот? Дали Северна Македонија и балканските земји ќе успеат да го направат тоа што Русија не го постигна: да ги користат сите придобивки од демократскиот свет, слободата и слободната трговија додека истовремено се наклонуваат кон Кина? Реалност која е вредна да се спомене по ова прашање е дека во рамките на својот систем за „социјален кредит“ кинеските власти почнаа да лепат QR кодови над вратите на своите жители, за полесно да ги оценуваат и соодветно да ги казнуваат.