Проф. д-р Виталиј Б. АНТОНОВ, ние во суштина многу малку знаеме за болестите што ги предизвикуваат габичките, но доволно за да поставиме дијагноза и да спроведеме ефикасно лекување. Со овие проблеми се занимава специјална област во медицината – микологија. Кажете ни нешто повеќе за тоа.
Микологијата е наука за габичките, а медицинската микологија е наука за човечките болести што ги предизвикуваат микроскопските габички. Во средината што го опкружува човекот има многу габички, но само некои од нив може да предизвикаат проблеми со здравјето. Повеќето габични болести не претставуваат закана по човечкиот живот, но предизвикуваат многу непријатности. Меѓутоа, постојат и микози, кои се смртно опасни за луѓето од сите возрасти.
Најчесто тоа се длабоки микози, кои ги напаѓаат внатрешните органи, отпорни се на лекување и во случај на хроничен тек може да доведат до смрт.
Така, на пример, криптококозата ги погодува мозокот и белите дробови, додека пневмоцитозата може да предизвика тешка пневмонија (воспаление на белите дробови) кај новороденчињата. При аспергилоза претежно се оштетува системот на бронхиите и белите дробови, но може да бидат оштетени и очите и мозокот…
Кој е механизмот на нивниот развој?
Живите никулци на габичките со воздухот продираат во бронхиите и белите дробови, додека во системот за варење клетките на габичките достигнуваат заедно со храната. На кожата и слузокожата клетките на габичките прво се прицврстуваат однадвор, а потоа, доколку им дозволуваат условите, продираат во подлабоките ткива.
Но јасно е дека сите ние дишеме и јадеме. Излегува дека сите може да заболат од микоза?
Секако, од неа не заболуваат сите. Организмот на здравиот човек е заштитен од габички со површинските ткива и имунолошкиот систем.
Освен тоа, луѓето главно не се среќаваат со габичките предизвикувачи на болести, туку со условно патогените бактерии. Средината во која тие престојуваат главно е тлото. Но во внатрешноста на човечкиот организам можно е размножување на габички во услови на ослабен имунитет.
Од стапалата до внатрешните органи
Микозите на стапалата се појавуваат често, како кај мажите така и кај жените. Од кандидијаза на половите органи барем еднаш во животот боледуваат околу 70% жени. Габичните оштетувања на внатрешните органи секогаш се секундарни – се јавуваат кај тешко болните со нарушен имунитет, а може да бидат и компликација на некое друго тешко заболување. Приклучувањето на габичната инфекција во таквите случаи е проследено со влошување на состојбата на болниот, па се лекува во болнички услови.
ТОЧНИ ЗНАЧЕЊА
MYKES на грчки значи габа, оттаму префиксот „мико“ се користи за означување предмети и појави поврзани со габички. На пример, микотоксикоза – труење со габички, микогена алергија – зголемена осетливост на габички или на нивните компоненти, микоза – инфективно оштетување од габички. Овие заболувања имаат долга историја.
За габичните оштетувања на кожата се знае одамна и токму затоа дерматолозите, повеќе отколку лекарите по други специјалности, во својата практика се сретнувале со габични оштетувања на кожниот покривач. На пример, за устоболка знаел уште Хипократ.
А во текот на последните децении, почнувајќи од втората половина на минатиот век, со микромицетите (облици со микроскопски величини) не се поврзуваат само болести на кожата туку и на внатрешните органи.
Професоре, ајде да кажеме нешто подетално за устоболката, или кандидијаза. Кои нејзини облици се познати?
Најчесто се среќаваат вагинален и орален облик на кандидијаза. Вагиналната кандидијаза е женски облик, притоа заболувањето може да се појави практично на секоја возраст. Оралната кандидијаза, по правило, се среќава кај доенчиња, почесто отколку кај новороденчиња.
Кои се причините за појава на кандидијаза во усната празнина?
Тоа може да биде употреба на антибиотици и цитостатици. Покрај тоа, независно од полот, кандидијаза може да предизвика слабеење на имунитетот или хормонски дисбаланс. Патем, кај жените таа често настанува во текот на бременоста.
КАНДИДА ИМААТ СИТЕ, НО МАЛКУ
КАНДИДИЈАЗА или устоболка се нарекува заболувањето при кое слузокожата или кожниот покривач се оштетени со квасна габа од родот Candida. Овие микроорганизми живеат со нас постојано, но во мало количество. Тие престојуваат на кожата и слузокожата на усната празнина и половите органи, а нивниот раст се спречува со добар имунитет. Поради пад на имунитетот доаѓа до бурно размножување на габичките, што доведува до појава на заболувања.
Кој страда почесто од кандидијаза – мажите или жените?
Според медицинската статистика, кандидијазата почесто ги погодува жените, бидејќи ризикот од зараза кај нив е поголем, на пример во текот на бременоста. Мажите боледуваат поретко, а кандидијаза на слузокожата на устата кај нив предизвикува пушењето.
А кои болести придонесуваат за појава на кандидијаза?
Тоа се малигните неоплазми, туберкулозата, дијабетесот, хипофункцијата и хиперфункцијата на надбубрежните жлезди.
Како се пренесува заболувањето?
Можно е заразување преку бакнеж или полов контакт. За заразата исто така придонесуваат разни повреди на слузокожата. При поминувањето низ породилните канали може да дојде и до инфицирање на новороденчето.
Наша читателка прашува дали може носење забна протеза да биде причина за појава на кандидијаза?
Да, за габичките забните протези се многу поволна средина и затоа е важно да се почитуваат правилата за хигиена.
Како се манифестира оралната кандидијаза?
Во текот на таквата кандидијаза јазикот и внатрешната површина на образите ги покриваат жолти или кремасти наслаги слични на младо кравјо сирење, се чувствуваат пецкање, непријатен вкус и здив. При отстранувањето на наслагите се отвораат воспалените делови, дури и со крвавење.
Кај новороденчињата може да дојде до оштетувања на кожата.
Како се лекува кандидијазата?
За брзо зараснување на чировите би требало да се обработуваат со раствор од сода и специјални масти. Двопроцентен раствор од јодид ги спречува растот и размножувањето на микроорганизмите. Исто така помага земање витамини од Ц и Б-група.
Може ли кандидијазата да се лекува со помош на тие специјални масти во домашни услови?
Да, бидејќи тоа не е комплицирано. На вата треба да се нанесе малку од пропишаната маст и да се стави на образот. Ќе истакнеме дека лекувањето со примена на локална терапија трае две-три недели. Исто така може да се пропишат антисептици – раствор зељонка или метиленско сино, Луголов раствор, хиперманган, јодна вода.
Постои мислење дека таблетите против габички имаат мноштво несакани ефекти и дека се опасни за црниот дроб. Дали е точно тоа?
Поврзани објави
Како прво, лекарот нема туку така да ви пропише таблети. Тие не се штетни за здрав црн дроб, а ни за болен во состојба ремисија. Но во случај на акутна болест на црниот дроб или тешко оштетување на неговите функции, таблети не треба да се применуваат.
Уште нешто: немојте да слушате ничии совети и не применувајте препораки од интернет! Само лекарот на кој ќе му се обратите може да го одреди лекувањето до кое ќе морате да се придржувате.
ОВА НЕМОЈТЕ ДА ГО ЈАДЕТЕ
Во случај на кандидијаза не се препорачува да употребувате:
* печива (особено од бело брашно), слатки, млеко;
* пржени, солени, чадени производи, конзервирана храна, мајонез, кечап, квас, алкохолни напивки;
* кикиритки, ф’стаци, масло од репка, пченка, кикиритки
Најчесто зборуваме за микози на кожата и на ноктите. Какви други видови постојат?
Кожните микози во повеќето случаи се чисто инфективни заболувања. Тие се заразни и, освен во ретки исклучоци, ги предизвикуваат габички, а токму габичните заболувања претставуваат 40% од сите кожни болести. Микозите ги погодуваат мазната кожа на телото, влакнестиот дел од главата и стапалата.
Тие исто така ги оштетуваат внатрешните органи, половите органи, нервниот систем (особено големиот мозок), коските и мускулите. Можни се и повеќекратни оштетувања на органите и системите во вид на сепса. Нивни предизвикувачи се условно патогените габички. Длабоките микози не се пренесуваат од болен на здрав човек.
Се покажа дека пеницилинот е опасен… Ве молам за овие облици на микоза да кажете нешто повеќе.
Значи, подлога за развој на микоза практично секогаш е слаб имунитет.
Може ли на примери да се покажат факторите за развој на микоза
Прапричина за системски микози стана долготрајната примена на пеницилинот во текот на Втората светска војна. Во осумдесеттите години од 20 век се појави сидата. Кај инфицираните со ХИВ и заболените од сида, кандидијаза и аспергилоза на внатрешните органи претставуваа чести компликации, кои завршуваа со смртен исход.
ТЕШКИ БОЛЕСТИ ГИ СЛЕДАТ И ГАБИЧКИТЕ
Во ризичната група од длабоки микози спаѓаат и заболените на одделенијата за реанимација. За тоа придонесуваат методите на лекување и испитувањата со оштетување на покровните ткива – кожата и слузокожата.
Ризик од развој на кожни микози имаат заболените од ендокрини заболувања. На пример, третина од заболените од дијабетес страдаат од микоза на кожата и на ноктите. А кај повеќе од половина од заболените од рак и малигни болести на крвта се откриваат габични оштетувања на органите.
Може ли за заболувањата да придонесат надворешни фактори на ризик, вклучувајќи ги и еколошките?
Секако, во такви фактори спаѓаат радијацијата, која продира во ткивата, интоксикации со индустриски и домашни отрови, како и пушење, неповолни услови на живот – влага во станот поради постојано протекување на покривот или достигнување на влага од подрумот. Во такви услови при вдишувањето прашина со примеси на габични спори доаѓа до микогена бронхијална астма.
Дали е важно во какви услови живее човекот?
Да, многу е важно. Ќе го објаснам тоа со примери. Од габични заболувања на белите дробови најчесто страдаат луѓето што живеат на првите и последните катови во зградите. Имено, со развојот на хемиската индустрија и сообраќајот во градовите, се промени составот на воздухот.
Секоја година во атмосферата на големите индустриски центри се исфрлаат повеќе од 50.000 нови отровни супстанции. Оттаму доаѓа, на пример, до кандидијаза на бронхиите, која го комплицира хроничниот бронхитис.
Современи методи на лекување
Како се дијагностицираат микози?
Препознавањето на габичните оштетувања на кожата и слузокожата на првиот преглед кај специјалист во повеќето случаи не наидува на тешкотии. Оштетувањата на внатрешните органи не се проследени со никакви клинички симптоми и затоа за дијагностицирање на многу од нив се применуваат дополнителни современи методи на испитување.
При сите облици на микоза потребно е утврдување на предизвикувачот, што е неопходно заради избор на методот и средствата за лекување. Така, на пример, многу лекови дејствуваат на квасните габички, но се целосно безопасни за мувлата.
Доаѓа ли често до заразување со габички од друг човек?
Да, пример за тоа е семејната онихомикоза (габично оштетување на ноктите). Заразата се пренесува од еден болен на другите членови на семејството.
Можеме ли со микоза да се заразиме од животните?
Да, кожните облици се пренесуваат и од луѓе и од животни. До 20% бездомни мачки се заразени со микроспори и затоа не се препорачува во домот да примате непроверени животни.
Може ли пушењето, алкохолизмот и наркоманијата да влијаат на појава на микоза?
Да, тие штетни склоности многу го зголемуваат ризикот од развој на болести поради достигнувањето на спори од габичките во организмот.
Кои професии придонесуваат за развој на микоза?ж
На појавата на габични заболувања најмногу се изложени:
* работниците од прехранбената индустрија – кандидијаза на кожата на рацете;
* работниците на каналите за вода, од сферата на станбените и комуналните услуги, оние што поминуваат многу време во гумени обувки – микоза на кожата на стапалата и потколениците;
* домарите, работниците на депонии, возачите на возила што возат отпад – заболувања на белите дробови.
Кога треба да се посети миколог или дерматолог?
Неопходно е да обрнете внимание на појавата на првутење и испуканост помеѓу прстите на нозете (помеѓу третиот и четвртиот и четвртиот и петтиот прст) – тоа е т.н. бришан облик на микоза на стапалата, кој не ги, вознемирува болните, но сепак бара посета на дерматолог. Доколку микозата на стапалата е запуштена, се појавуваат меури, црвенило и отеченост на кожата.
Поради ненавремено посетување лекар, можно е приклучување секундарна бактериска инфекција и тогаш се зголемуваат лимфните јазли во ципите и бутовите и се оштетуваат лимфните крвни садови – се јавува лимфангитис и скока телесната температура.
Таквите комплицирани облици на микоза најдобро се лекуваат во болница. А до сето тоа може да дојде уште пред оштетувањето на ноктите.
Разговарала: Наташа Човиновска