Бугарскиот претседател Румен Радев вчера ѝ го предаде мандатот за формирање влада на Марија Габриел, која истиот ден се повлече од функцијата еврокомесар за иновации, истражување и култура, пренесува „Еурактив“.
Оставката на Габриел беше прифатена од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која ѝ се заблагодари за нејзината работа и ѝ посака да го искористи своето искуство во ЕУ во нејзината земја.
Фон дер Лејен објави дека, во меѓувреме, нејзиното портфолио ќе го надгледуваат извршната потпретседателка Маргрете Вестагер и потпретседателот Маргаритис Шинас.
Враќањето на Габриел во бугарската националната политика е на иницијатива на лидерот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, кој се обидува да ги деблокира последователните неуспеси за формирање одржлива влада по петте избори во Бугарија во изминатите две години.
ГЕРБ победи на изборите на 2 април, но има само 69 пратеници во 240-члениот парламент и има потреба од помош за наоѓање коалициски партнери.
„Ќе направам се за Бугарија да има стабилна, работна, редовна влада. За ова, мојот предлог ќе биде експертска влада обединета околу јасни приоритети кои имаат една цел – благосостојба на Бугарите и авторитет на Бугарија“, истакна Габриел при добивањето на мандатот.
Радев, од своја страна, рече дека ѝ дал една недела на Габриел да излезе со предлог за кабинет, истакнувајќи дека пред неа стои тешка задача.
ГЕРБ предлага влада со траење од една година, што се чину дека одговара на агендата на Габриел бидејќи ќе и овозможи да се кандидира за Европскиот парламент следната пролет.
Во оваа фаза, ГЕРБ и втората политичка формација – проевропската коалиција Промената продолжува-Демократска Бугарија (ПП-ДБ) се во кавга во однос на нивните визии за идната влада.
Од ПП-ДБ постојано повторуваат дека нема да поддржат влада предложена од ГЕРБ, така што се чини малку веројатно Габриел да ја добие нивната поддршка.
Во обид да се најдат алтернативи за парламентарна поддршка, Габриел во понеделникот разговараше со претставници на три други партии во парламентот – Бугарската социјалистичка партија (БСП), мнозински етничкото турско Движење за права и слободи (ДПС) и популистичката „Има таков народ“ (ИТН).
По разговорите, лидерката на социјалистите, Корнелија Нинова, објави дека БСП се повлекува од преговорите за влада со ГЕРБ и дека нема да ја поддржи на парламентарно гласање, а од популистичката ИТН истакнаа дека нивната поддршка нема да биде безусловна.
Само од ДПС јасно кажаа дека се согласуваат со приоритетите на Габриел и ги понудија своите експерти да бидат дел од проектот.
Ако ГЕРБ остане само со поддршката од ДПС и ИТН, трите сили ќе имаат вкупно 116 пратеници – пет помалку од потребното мнозинство. Теоретски, тие сепак би можеле да изберат кабинет ако неколку пратеници од спротивниот табор не присуствуваат на седницата за гласање.
Според бугарскиот Устав, првиот мандат го добива најголемата политичка сила. ГЕРБ имаат рок од седум дена да формираат кабинет. Ако не успеат или ако парламентот го отфрли предложениот кабинет, вториот мандат ќе го добие коалициската ПП-ДБ.
Ако и таа не успее, претседателот ќе го даде последниот мандат на политичка сила по негов избор, а по третиот неуспешен обид, претседателот ќе го распушти собранието и ќе распише предвремени избори.
Тековните напори за формирање влада се засенети од скандалите околу бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев, кој беше обвинет, вклучително и од неговиот заменик, за поткопување на угледот на судскиот систем врз основа на направени грешки во истрагата за наводен обид за атентат.
Габриел вети дека првиот чекор што ќе го направи е да побара смена на Гешев, кој нагласи дека нема намера да се повлече.