Почетна ЕкономијаДВОДНЕВНА ПРОГРАМА ЗА ДЕЦА: РАЗМЕНА И ПОПРАВКА НА ИГРАЧКИ, КРЕАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ И КИНО-ДРУЖЕЊЕ

ДВОДНЕВНА ПРОГРАМА ЗА ДЕЦА: РАЗМЕНА И ПОПРАВКА НА ИГРАЧКИ, КРЕАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ И КИНО-ДРУЖЕЊЕ

од nenad
3 минути читај за

Размена и поправка на детски играчки, креативни работилници и претставување на македонскиот едукативен детски канал „Буба Бу“ се дел од програмата, која Скопје Сити Мол и Синеплекс ги организираат на 28 и 29 ноември, во рамките на платформата „Заедно знаеме повеќе“.

Дводневната програма опфаќа активности за деца од различни возрасти, со акцент на одржливите навики, креативноста, учењето и раниот детски развој.

По повод Европската недела за намалување на отпадот, во соработка со платформата „Штрк“, на 28 и 29 ноември, од 11 до 16 часот, пред киното Синеплекс ќе се одржува размена на детски играчки. Децата ќе можат да донесат играчка, која повеќе не ја користат, да изберат друга од изложените и да ја понесат дома. На овој начин децата се поттикнуваат за повторната употреба на предметите и се учат за продолжувањето на нивниот животен век.

На истата локација, во двата дена од 11 до 14 часот, Скопје Сити Мол, во соработка со АРНО и центарот за поправки „Ништо ново“, организира и работилница за поправка на меки играчки и кукли. Децата и родителите ќе можат да донесат омилена играчка на која ѝ е потребна поправка и, со помош на менторката Оливија Георгиевска, да ѝ дадат нов живот. Преку рачно шиење, замена на оштетени делови, дополнување полнило и употреба на повторно искористени материјали, учесниците ќе се запознаат со практични начини за поправка и повторна употреба.

„Преку овие активности сакаме да поттикнеме навики за повторна употреба, поправка наместо фрлање, одговорен однос кон ресурсите и креативно учење. Веруваме дека ваквите навики се градат од најрана возраст, а соработката со организации и поединци кои активно работат во овие области ни овозможува да создадеме содржини со вистинска вредност за заедницата. Токму тоа е идејата на платформата „Заедно знаеме повеќе“ – преку заеднички активности да отвориме простор за нови знаења, искуства и позитивни промени“, велат организаторите.

Во недела, на 29 ноември, од 12 часот, во киното Синеплекс ќе биде претставен македонскиот едукативен детски канал „Буба Бу“. Креаторите и извршни продуценти Софија и Јаков Спасов, заедно со Драган Даскаловски, креатор и експерт за ран детски развој ќе зборуваат за создавањето на каналот, развојно соодветната содржина и важноста на внимателниот избор на екрански содржини за најмалите.

По претставувањето ќе следува проекција на новата епизода „Буба Бу во Сонот на игрите“, наменета за деца од 3 до 5 години. Епизодата ги поврзува играта, музиката и учењето преку содржина приспособена на возраста и развојните потреби на децата. По проекцијата, најмалите ќе имаат можност да се запознаат и да се дружат со Буба, ликот што го толкува актерката Талија Настова.

Во недела програмата продолжува и со креативната работилница „Мозаик – мали зрна, големи уметнички дела“, наменета за деца од 6 години и постари. Работилницата ќе се одржи во 11 и 12.30 часот, на вториот кат. Под менторство на ликовната уметница и театарска костимографка Ивана Каранфиловска Угуровска, децата ќе создаваат мозаици од природни зрнести материјали, комбинирајќи различни бои, форми и текстури.

Со програмата на 28 и 29 ноември, „Заедно знаеме повеќе“ обединува активности што ги поврзуваат едукацијата, креативноста и одржливите практики, нудејќи им на децата можност да учат и да создаваат преку непосредно искуство.