Почетна МакедонијаГраничниот премин Требиште – Џепиште областа Голо Брдо ќе работи 24 часа

Граничниот премин Требиште – Џепиште областа Голо Брдо ќе работи 24 часа

од nenad
2 минути читај за

Новата спогодба меѓу Македонија и Албанија предвидува заеднички гранични контроли и продолжување на работното време. Жителите од двете страни на границата очекуваат полесно движење и поголема меѓусебна соработка.

Граничниот премин Џепиште – Требиште во областа Голо Брдо кој ги поврзува Македонија и Албанија, ќе добие нов режим на работа, со што ќе биде овозможено негово функционирање 24 часа дневно. Ова е предвидено со спогодбата ратификувана во парламентите на двете земји, која, меѓу другото, предвидува и воведување заеднички гранични контроли.

Иако станува збор за граничен премин од третата категорија, наменет за локалното население од двете страни на границата, неговото целодневно функционирање се очекува значително да го олесни секојдневниот живот на жителите од пограничните населени места.

Одлуката на владите на Македонија и Албанија е поздравена од локалното население, кое со години бараше продолжување на работното време на овој граничен премин.

Од неговото отворање во 2013 година, преминот работеше од 8 до 18 часот, додека во летниот период работното време беше продолжено до 20 часот. Ограниченото работно време честопати создаваше проблеми за жителите, кои беа принудени да користат други гранични премини за да стигнат до своите дестинации.

Жителите на областа Голо Брдо, сметаат дека новата спогодба е од особено значење за пограничното население, бидејќи ќе овозможи полесно одржување на семејните, роднинските и економските врски.

„Со години чекавме овој граничен премин да работи 24 часа. Имаме роднини од другата страна на границата и досегашното работно време често ни создаваше проблеми. Оваа одлука е многу значајна за сите нас што живееме во пограничните села“, вели жител на Требиште.

Позитивни реакции има и меѓу жителите на областа Голо Брд, Дебар најблискиот град и главен центар за снабдување со прехранбени производи и користење здравствени услуги.

При посетата на граничниот премин, жители од Требиште истакнаа дека два до три пати неделно доаѓаат во Дебар, бидејќи Пишкопеја им е значително подалеку.

„Во Дебар доаѓаме редовно, најчесто за набавка на прехранбени производи, но и за здравствени услуги. Во Дебарското општо болничко одделение има пациенти од повеќе села во Голо Брдо. Имаме и многу роднини во Џепиште и Отишани. Затоа се радуваме што граничниот премин ќе работи 24 часа и што ќе има заеднички контроли“, истакнуваат жителите на Требиште.

Новото функционирање на граничниот премин Џепиште – Требиште има особено значење за македонското население кое живее во областа Голо Брдо во Албанија. За Македонците од овој регион, Дебар претставува важен природен центар за снабдување, здравствени услуги, трговија и одржување на семејните и роднинските врски.

Со воведувањето на 24-часовно работно време и заедничките гранични контроли се очекува да се олесни секојдневната комуникација меѓу Македонците од Голо Брдо и нивните роднини во Дебарско, како и да се зајакнат традиционалните врски меѓу населението од двете страни на границата.


Post Views: 100