Почитувани присутни, Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам пред вас на овој настан со кој официјално Собранието добива “Заштитена соба”. Заштитена, тивка или глува соба – се некои од имињата кои ја означуваат оваа просторија изградена на начин што во неа или од неа не продираат електромагнетни бранови.
Таа е дел од широк повеќегодишен проект што го финансираат Велика Британија, Шведска, Швајцарија, ЕУ и Холандија и благодарение на нашите меѓународни партнери и импелементаторот ДИКАФ, денес со гордост присуствуваме на отворањето на Заштитената соба, е прва од ваков вид во Северна Македонија, дизајнирана со највисоко ниво на заштита за строго доверливи документи.
Ги исполнува сите стандарди за аудио и антирадијација и е опремен да гарантира безбедност на класифицирани информации, придржувајќи се до највисоките TEMPEST стандарди за заштита од радијација. Уште во 2017 година пратениците и од власта и од опозицијата се договорија ваква соба повеќе од потребни е да се изгради во Собранието, како дел од пакетот мерки за подобар надзор над тајните служби.
Изградбата на оваа соба е многу повеќе од унапредување на условите за работа на трите надлежни комисии за следење на работата на безбедносните и разузнавачките служби. Заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието, на која сме особено фокусирани од почетокот на нашиот мандат. Заштитени соба не е сувопарно барање кое произлегува од Меморандумот за разбирање со ДИКАФ; таа е барање на НАТО.
Оттука, процесот за нејзина изградба, набавка на опрема и операционализирање беа особено комплексни. Ми претставува особено задоволство да подвлечам дека моите претходнци, пратениците од предходните парламентарни состави, заедно со службите и партнерите истрааја во заложбата да се изгради оваа Соба според највисоките НАТО стандарди, со почитување на особено комплицирана тендерска постапка и примена на стандарди кои се во согласност со стандардите на НАТО.
Во една прилика амбасадорот на Холандија, Јан Коп истакна дека цитирам “Граѓаните на Северна Македонија имаат ниска доверба во домашните институции.Ова е проблем низ целиот реформски процес. Така, изградбата на оваа соба би влеала доверба дека има соодветен парламентарен надзор над разузнавачката заедница”. Уверен сум дека изградбата на оваа Соба и исполнувањето на строгите
критериуми ќе ја зголеми довербата на граѓаните во Собранието и ќе ја подобри оценката и перцепцијата, особено имајќи во предвид дека за да се операционализира Заштитената соба, потребно беше да се исполнат сите стандарди и безбедносни протоколи неопходни за нејзина акредитација.
Почитувани, Членството во Европската унија и НАТО подразбираат реформи, чекори и стандарди не само за нас како законодавен дом, туку и за сите институции во насока на унапредување на стандардите и благосостојбата на нашите граѓани, односно доближување до вредности на Европа пред да сме дел од Европската унија. Во нашите напори да станеме членка на Унијата, неизбежна е и регионалната соработка и споделување најдобри практики со регионот и членките на Унијата.
Оттука како Собрание веќе остваривме соработка со Собранието на Република Словенија, а нашето искуство во целокупниот процес подготвени сме да го споделиме со државите аспиранти за членство кои ќе изразат интерес. Таков интерес веќе има изразено Република Косово. Нашата работа не завршува со отворањето на Заштитената соба, напротив, посветени сме на јакнење на капацитетите на собраниските службеници кои ќе работат со надлежните комисии и не помалку важно, зголемување на бројот на вработени во оваа сфера.
Дополнително, европските стандарди и вредности не се ограничени само на нашата институција, напротив, како претседател и дел од раководството на Собранието подготвени сме, согласно утврдена постапка да ја ставиме на располагање Заштитената соба и на другите институции кои работат на класифицирани состаноци.
Уверен сум дека со нетрпение очекувате да ја видите Заштитената соба која толку долго ја очекуваме. Затоа, тука ќе завршам и ќе им посакам на раковоството, пратениците и парламентарните службеници успешна работа и остварување на заложбите за унапредување на надзорната улога на Собранието. Честитки уште еднаш до сите! Ви благодарам.