Почетна ЕкономијаИтната помош пред голема реформа: Нов центар, 150 амбулантни возила и недостиг од 300 работници

Итната помош пред голема реформа: Нов центар, 150 амбулантни возила и недостиг од 300 работници

од nenad
1 минути читај за

Итната медицинска помош во земјава се подготвува за реорганизација со нов диспечерски центар, единствени правила за процена на итноста, дополнителни амбулантни возила и воведување парамедици.

Владата усвои информација за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, кој треба да добие сопствено раководство и буџет. Главниот град ќе биде пилот-модел за новата организација, која подоцна би можела да се примени и во другите градови.

Со националниот диспечерски систем повиците ќе се координираат централизирано, а на интервенција треба да се испраќа најблиската слободна екипа. Предвидено е и воведување единствени стандарди за процена на итноста на секој повик.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека се набавени 100 нови амбулантни возила, со што бројот на функционални возила треба да достигне 200. Дополнителни 50 се очекуваат преку програмата ИПА 3 на Европската Унија.

Во подготовка се и законски измени за воведување парамедици, а за нивната едукација се разговара со Медицинскиот факултет.

Сепак, најголемиот предизвик останува недостигот од персонал. Според анализите на Министерството за здравство, до 2030 година околу 300 вработени во Итната помош ќе заминат во пензија. Во Скопје моментално во една смена работат по пет медицински екипи.

Паралелно се реконструира Ургентниот хируршки центар во Скопје и се подготвува Ургентен интернистички центар во Клиничкиот центар.

Реформата треба да овозможи подобра координација и побрзи интервенции, но нејзиниот успех ќе зависи и од тоа дали ќе се обезбедат доволно медицински работници за функционирање на новиот систем.