Дневниот надоместок за студентски оброк би требало да достигне 156 денари, покажуваат пресметките на Министерството за образование и наука, направени врз основа на официјалните податоци за инфлацијата. Сепак, студентите засега немаат сигурност кога и дали оваа сума ќе биде исплаќана, бидејќи постојат различни толкувања на законските одредби.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, потврди дека според пресметките на Министерството, усогласувањето на надоместокот со инфлацијата треба да резултира со износ од 156 денари.
Проблемот, како што објасни, произлегува од недоволно прецизно формулираните законски одредби, поради што се појавиле различни правни толкувања за начинот на пресметување.
„Точно вчера проверив, пресметките според стапките објавени од Заводот за статистика покажуваат 156 денари. Но, законот е недоречен, а правниците тврдат дека е така, па оттаму произлегуваат неусогласеноста и двојното толкување. Постапката е во тек. Како ќе одлучи судот, така ќе постапиме“, изјави Јаневска.
Дополнително, министерката информираше дека до Министерството веќе се доставени три тужби поврзани со ова прашање, а за случајот треба да се произнесе Управниот суд.
Одлуката на судот ќе биде клучна за понатамошните чекори на Министерството и за утврдување на конечниот износ што студентите ќе го добиваат за оброк.
Засега, иако пресметките упатуваат на 156 денари дневно, останува отворено прашањето кога новиот износ би можел да почне да се применува.