Американскиот претседател Доналд Трамп најави можност САД повторно да ги засилат воените дејствија против Иран по новогодишните празници, доколку дотогаш не биде постигнат договор меѓу двете земји.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп оцени дека дипломатските напори засега не носат посакувани резултати и дека преговорите меѓу Вашингтон и Техеран се одвиваат без значителен напредок.
Според него, двете страни остануваат заглавени во процес на разговори, проследен со ограничени воени напади, без да се најде решение за прекин на конфликтот.
„Ќе ја продолжиме војната против Иран по Нова Година доколку не се постигне договор“, порача американскиот претседател, изразувајќи сомнеж дека иранското раководство во моментов има вистинска намера да постигне спогодба.
Трамп упати критики и до иранските претставници вклучени во преговорите, обвинувајќи ги дека намерно го одолговлекуваат процесот и избегнуваат да преземат конкретни обврски.
„Тие постојано разговараат, но се многу вешти во избегнувањето на одговорноста“, изјави тој.
Американскиот претседател дополнително оцени дека Иран покажува поголема агресивност во споредба со периодот пред изборите во САД.
Изјавите на Трамп укажуваат дека дипломатското решение сè уште е неизвесно, а евентуалното продолжување на воените операции по Нова година би можело дополнително да ги зголеми тензиите на Блискиот Исток.