Македонскиот рапер Христијан Тасковски – Таско отворено проговори за најтешките периоди од својот живот, борбата со пороците и промените што ги направил откако станал татко. Во гостувањето во емисијата „Полиграф“ кај Стефонатор, тој откри дека речиси две години не консумира алкохол, а признал и дека раѓањето на децата било пресвртница што го натерала поинаку да гледа на животот.
Таско не ја крие ниту благодарноста кон сопругата Наташа, за која вели дека е личноста што му дала сигурност и поддршка и со која успеал да изгради стабилно семејство.
„Таа е личноста што ќе биде бетон до мене“
Во разговорот, раперот се присетил и на почетоците на врската со Наташа, кога неговите родители не ја одобрувале нивната љубов, меѓу другото и поради нејзиниот изглед и тетоважите. Денес, како што вели, односите се сосема поинакви.
Како што гледаш, денес Наташа ми е жена. Имаме две прекрасни деца и функционираме подобро од кога било. Имаме и поддршка од родителите“, раскажал тој.
Посебно емотивен бил кога зборувал за тешкото искуство низ кое поминале со сопругата по загубата на првата бременост. Токму тој период, според него, уште повеќе ја зацврстил нивната љубов.
Сфатив дека конечно во мојот живот имам личност која навистина ќе биде бетон до мене и ќе се бори докрај за сите работи. И тоа го гледам и сега кога се грижи за децата, кога се грижи за мене, за хармонијата дома.
Знаеш, жената ја носи светлината во домот. Ако ја имаш вистинската жена покрај себе, можеш многу работи да направиш. И мислам дека и кај жените е исто. Кога жената го има вистинскиот маж до себе, може и таа многу да направи“, рекол Таско.
„Речиси две години сум без алкохол“
Поврзани објави
Едно од најзначајните признанија во интервјуто се однесувало на неговата борба со алкохолот и други навики од минатото. На прашањето дали раѓањето на децата го натерало да се откаже од нешто за кое претходно мислел дека никогаш нема да го промени, Таско одговорил искрено:
Да. Си имав проблеми со некои… да речам, забавни моменти со алкохолот и со некои други работи кои тогаш мислев дека се забавни.
Од оваа гледна точка, сум живеел во константен пекол и круг од кој навистина мислев дека никогаш нема да излезам. Но, фала му на Господ и на сите околу мене, веќе речиси две години сум стрејт“, открил раперот.
Сака да биде татко каков што и самиот посакувал да има
Таско зборувал и за татковството, нагласувајќи дека се труди да биде присутен во животот на децата, Лукијан и Киријана, и да им го овозможи она што нему му недостигало додека растел.
Пробувам да бидам добар татко. Се борам за своите деца и семејството и гледам да им пружам многу работи што јас сум ги немал како дете. Сакам да бидам што поприсутен во нивните животи.
Не ги избегнувам обврските, не бегам од она што треба да го правам за нив како татко и сакам навистина да бидам присутен родител во нивниот живот“, рекол тој.
Иако успеал да се откаже од алкохолот и од навиките што ги смета за штетни, Таско признава дека сè уште има еден порок од кој се обидува да се ослободи – цигарите.
Пушам цигари. Тоа ми е порокот. Сè уште пушам цигари. Пробувам да ги оставам“, признал раперот.
Видео: Youtube