Повозрасните луѓе потешко го поднесуваат студот поради промени во масното ткиво
Зошто со годините ни станува сè потешко да се стоплиме кога температурите ќе паднат? Одговорот можеби се крие во промените што се случуваат во масното ткиво. Американски научници откриле дека одреден вид масно ткиво со стареењето постепено ја губи способноста да се приспособува на студот, поради што организмот побавно реагира на падот на температурата.
Ова откритие кое е претставено во студија објавена во списанието „Nature“, би можело да помогне во подоброто разбирање на промените низ кои минува телото со текот на годините.
Промени во функционирањето на масното ткиво
Тим експерти од Институтот за истражување на дијабетес и метаболизам „Артур Ригс“ при Националниот медицински центар „Сити оф Хоуп“, предводен од Чионг Ванг, ја проучувал функцијата на термогеното масно ткиво. За разлика од обичното бело масно ткиво, чија главна улога е складирање калории, термогеното масно ткиво согорува енергија за да создава топлина и да го загрева телото. Истражувачите анализирале примероци од човечко ткиво и спровеле низа експерименти врз глувци на различна возраст.
Се покажало дека во термогеното масно ткиво постојат два вида клетки: едните содржат големи количества UCP1 (протеин за раздвојување 1), кој директно ја претвора енергијата од хранливите материи во топлина, и активно го загреваат телото, додека другите содржат многу малку од овој протеин и остануваат во мирување.
Поврзани објави
Кога температурите ќе паднат, нервниот и имунолошкиот систем испраќаат сигнал што ги поттикнува клетките во мирување нагло да го зголемат производството на топлина. Кога потребата за загревање ќе исчезне, организмот повторно го враќа овој систем во состојба на мирување.
Кај постарите животни, овој биолошки механизам почнува да функционира со значително задоцнување. Нивното масно ткиво и понатаму има способност да произведува топлина, но потребно е премногу време за да се активира процесот. Поради тоа, постарите глувци потешко ја одржуваат телесната температура кога се изложени на студ.
Може ли овој процес да се врати?
За да проверат дали ова нарушување може да се поправи, биолозите им дале мифепристон на постарите глодари, со што блокирале една од врските во инхибиторниот сигнален пат. Како резултат на тоа, старите клетки почнале активно да согоруваат калории и повторно да создаваат топлина.
Авторите на студијата нагласуваат дека мифепристонот истовремено влијае врз повеќе системи во организмот и не е соодветен за широка примена во лекувањето на нарушената терморегулација кај луѓето. Сепак, самиот експеримент покажал дека опаѓањето на функцијата на термогеното масно ткиво поврзано со стареењето може да биде реверзибилно, односно потенцијално да се врати.
Бидејќи ова ткиво активно ги користи и гликозата и мастите, насоченото обновување на неговата функција би можело во иднина да им помогне на лекарите во борбата против дебелината и дијабетесот тип 2.