Почетна ЕкономијаИнтелектуалната сопственост е дел од секојдневието, а новинарите имаат важна улога во нејзината заштита

Интелектуалната сопственост е дел од секојдневието, а новинарите имаат важна улога во нејзината заштита

од nenad
5 минути читај за

Интелектуалната сопственост не е само правна категорија, туку важен дел од секојдневниот живот, бизнисот, културата, технологијата и медиумската индустрија. Заштитата на авторските права, препознавањето на оригиналното творештво и подигнувањето на јавната свест за последиците од фалсификувањето беа во фокусот на дводневната едукативна средба „Интелектуална сопственост за новинари: Разбирање и комуницирање на теми од областа на интелектуалната сопственост – Денови на медиумска писменост 2026“, која се одржува на 17 и 18 ноември во хотелот „Мериот“ во Скопје.

Настанот е организиран во рамки на проектот EU4IP за Западен Балкан, финансиран од Европската Унија, а го спроведува Канцеларијата на Европската Унија за интелектуална сопственост (EUIPO), со седиште во Аликанте, Шпанија, во соработка со националните институции. Во организацијата учествуваат и Државниот завод за индустриска сопственост на Северна Македонија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Една од главните пораки на првиот ден од средбата беше дека новинарите имаат двојна улога – да ја информираат јавноста за значењето на интелектуалната сопственост, но и самите да ги познаваат и штитат правата врз содржините што ги создаваат. Преку презентации, примери од европската практика и интерактивни дискусии, учесниците се запознаа со различните облици на интелектуална сопственост, механизмите за нивна заштита и предизвиците што ги носи дигиталната ера.

Експертката Ерифили Манусу од EUIPO објасни дека интелектуалната сопственост опфаќа две големи категории – индустриска сопственост и авторски и сродни права. Во првата група спаѓаат трговските марки, патентите, индустрискиот дизајн, географските ознаки и деловните тајни, додека авторските права ги штитат книжевните дела, новинарските текстови, музиката, фотографиите, филмовите, софтверот и другите креативни содржини.

Посебно беше нагласена разликата меѓу идејата и нејзината конкретна реализација. Самата идеја, без да биде преточена во конкретно дело или техничко решение, по правило не може да биде предмет на авторскоправна или патентна заштита. Правата се однесуваат на конкретниот начин на кој е изразено творештвото.

Од секојдневните производи до деловните тајни

Преку бројни примери од секојдневниот живот беше прикажано колку широко е присутна интелектуалната сопственост. Фудбалската топка на „Адидас“, на пример, вклучува десетици патенти поврзани со технологијата, формата и карактеристиките на производот, додека логото на компанијата е заштитено како трговска марка.

Посочени беа и примерите со „Кока-Кола“, чија рецептура се чува како деловна тајна, но и препознатливото шише, чија форма претставува дел од идентитетот на брендот. Како пример за заштита на специфичен визуелен елемент беше претставен и модниот бренд „Кристијан Лубутен“, познат по обувките со црвени ѓонови, заштитени како трговска марка.

Објаснета беше и разликата меѓу патентите и деловните тајни. Додека патентната заштита подразбира објавување на техничкото решение и има ограничен рок на траење, деловната тајна се заснова врз зачувување на доверливоста на информациите. Како примери беа наведени рецептот за „Кока-Кола“, сосот „Биг мек“, но и алгоритми, софтверски решенија и комерцијални податоци.

Интелектуалната сопственост како двигател на економскиот развој

Значителен дел од програмата беше посветен на економското значење на интелектуалната сопственост и нејзината улога во развојот на компаниите, иновациите и конкурентноста.

Според презентираните европски анализи, индустриите кои интензивно користат права од интелектуална сопственост создаваат 47,9 проценти од вкупната економска активност во Европската Унија, односно околу 7,7 билиони евра годишно.

Компаниите кои поседуваат права од интелектуална сопственост остваруваат просечно 23,8 проценти повисоки приходи по вработен во споредба со компаниите кои не располагаат со таква заштита. Дополнително, овие индустрии учествуваат со 76,4 проценти во увозот и 78,3 проценти во извозот на Европската Унија.

Посебно беше истакната важноста на заштитата на интелектуалната сопственост за стартап-компаниите и младите претприемачи. Заштитениот бренд, патент или индустриски дизајн може да претставува значајна предност при привлекување инвеститори, обезбедување финансиска поддршка и настап на меѓународните пазари.

Фалсификувањето не е само економски проблем

Една од позначајните теми на едукативната средба беа фалсификувањето и пиратеријата, нивните економски последици и ризиците што ги носат за потрошувачите.

Беше посочено дека нелегалното производство и продажба на фалсификувани производи не претставуваат само повреда на правата на компаниите и авторите, туку можат да бидат поврзани и со организиран криминал, перење пари, трговија со дрога и оружје, измами и корупција.

Меѓу презентираните европски случаи беа наведени заплени на повеќе од еден милион нелегални хормонски таблети, 400.000 фалсификувани автомобилски резервни делови, 364.000 пакувања фалсификувана луксузна стока во вредност од 18 милиони евра, како и 216.000 литри фалсификувано маслиново масло кое не било погодно за консумирање.

Посебно внимание беше посветено и на пиратеријата во дигиталниот простор, нелегалното емитување телевизиски содржини и користењето неовластени стриминг-сервиси. Европската Унија ги вклучува криминалните активности поврзани со интелектуалната сопственост меѓу приоритетите на платформата EMPACT за периодот 2025–2029 година.

Новинарите како важна алка во подигнувањето на јавната свест

Во рамките на програмата беше отворено и прашањето како интелектуалната сопственост да се претстави пред пошироката јавност на разбирлив и интересен начин. Преку искуствата на EUIPO беа презентирани комуникациски кампањи кои ги комбинираат позитивните пораки за придобивките од заштитата на оригиналното творештво со конкретни податоци за штетите од фалсификувањето.

Беа претставени и резултати од европски кампањи, меѓу кои 806 медиумски написи со потенцијален досег до околу 30 милиони граѓани, како и уметнички перформанс со 11 танчери организиран по повод Светскиот ден за борба против фалсификувањето. Од перформансот биле создадени осум видеа кои на Инстаграм оствариле 1,75 милиони ангажирани корисници.

Во фокусот на дискусиите беа и предизвиците поврзани со вештачката интелигенција, особено прашањето за авторството и заштитата на содржините создадени со помош на новите технологии.

Дводневната средба овозможи размена на знаења и искуства меѓу новинарите и експертите од областа на интелектуалната сопственост, со посебен акцент на европските практики и нивната примена во Северна Македонија.

Заклучната порака беше дека познавањето на интелектуалната сопственост е важно не само за авторите, компаниите и институциите, туку и за медиумите, кои имаат значајна улога во заштитата на оригиналното творештво, спречувањето на пиратеријата и информирањето на граѓаните за нивните права и обврски.