Почетна Убавина и здравјеСадгуру: Најголемата радост во животот е што сте живи токму сега

Садгуру: Најголемата радост во животот е што сте живи токму сега

од nenad
9 минути читај за

Садгуру гледа како денешното општество има тенденција да ги турка луѓето кон чувство на фрустрација од животот. Тој гледа зошто најголемата радост во вашиот живот е што сте живи во моментов.

Садгуру е современ мистик кој работи 30 години на подобрување на благосостојбата на светот. Именуван е како еден од 50те највлијателни луѓе во Индија, а неговите програми допреле до повеќе од 100 милиони луѓе ширум светот. Неговата книга е бестселер според New York Times магазинот, а бил говорник и на Светскиот економски форум во Давос, Обединети Нации и ТЕД говорите. Дневно го следат  5 милиони луѓе на Youtube и FaceBook и 3 милиони на Instagram и Twitter.

Прашање: Садгуру, гледам многу луѓе кои се цинични, горчливи и фрустрирани од животот. Тие чувствуваат дека животот ги победил и се откажуваат. Како да избегнеме да станеме такви, особено во подоцнежниот живот? И, како да им помогнеме на другите да излезат од овој начин на гледање на сè како проблем, наместо како можност?

Садгуру: Станувањето циничен, депресивен и губењето интерес за она што се случува околу нив – овие работи во голема мера се случуваат затоа што имале неуспех со нешто. И многу е лесно да не успеете во сегашната социјална состојба. Ако го погледнете животот во која било економски развиена земја, нормален човек таму не може да успее – мора да биде прилично луд да го стори тоа. Во суштина економијата е процес на издржување на луѓето, но денес се здоби со небесна аура. Комерцијалните сили создадоа ситуација каде економијата е најважната работа во вашиот живот.

Јас попрво би бил гладен и жив отколку сит и мртов. Што би избрал ти?

Имаше време кога, да претпоставиме, дека се случува економско забавување во едно општество или нација, сите би не советувале да штедиме, а не да трошиме премногу. Но, денес, владите советуваат да се троши – земи кредит и купувај. Не можете да го потрошите она што го немате – тоа е толку едноставно. Но, повеќето современи општества не го разбираат ова. Луѓето имаат шест кредитни картички и мислат дека можат да ги користат колку што сакаат се додека животот не ги достигне. Како студенти тие веќе имаат четвртина милион студентски заем, а веднаш потоа тие мора да купат автомобил па имаат заем за автомобил. Треба да купат куќа, тоа е 30-годишна хипотека. Ако го ставите под хипотека вашиот живот за 30 години, мислам дека сте го изгубиле паметот, воопшто немате чувство за животот.

Животот под хипотека

Кога луѓето уште биле само ловци и собирачи, тие биле потполно слободни. Ако уловиле нешто еден ден следните 15 дена јаделе од тоа и едноставно живееле. Можеби чукале на тапан кој бил направен од кожата на животното и танцувале околу оган или користејќи ги рацете создавале нешто друго, но храната тогаш била несигурна, овие диви животни се брзи. Многу пати тие немало да уловат и сите останувале гладни. Па така луѓето развиле земјоделство. Во земјоделството треба да направите одредени работи на одреден ден, а не два дена подоцна. Некои компулсивности доаѓале со тоа, но сепак било во ред.

Во Индија, во зависност од тоа какви растенија одгледувале работеле напорно 50 до 100 дена во годината, а останатото време биле фестивали. Секое село имало свои фестивали на кои доаѓале луѓе од околните села и секоја свадба била најмалку пет дена славење. Работата потребна за издржување траела само 50 до 100 дена во годината. Денес откако ќе земете 30-годишна хипотека треба да работите скоро 365 дена. Без разлика дали сакате или не, мора да одите и не секој е подготвен за ова, по некое време тие ќе се избезумат.

Сега, исто така треба да плаќаат и гробно осигурување во Индија. Кога се живи и здрави луѓето плаќаат на рати за нивниот погреб. Освен ако нема да заминете на убав начин што ќе биде многу корисен за сите околу вас – зошто ви пречи за тоа каков ќе биде вашиот погреб кога ќе починете? Јас разбирам и ценам ако не сакате да му создавате непријатност на некој друг, но што е важно како тие ќе ве закопаат или изгорат? Овој вид на секирација ќе ви ја одземе живоста.

Друг аспект е дека постојано мора да правите работи како машина, а не од страст. Целото општество очекува да бидете машина. Вие не се будите наутро затоа што сакате да промените нешто денес или пак тоа што го правите ви има значење или можеби затоа што стварно сакате да го направите тоа, се работи само за заработка. Да се ​​заработи за живеење доволно е многу малку. Станува проблем само кога сакате да живеете како некој друг. Ако сакате само да живеете тоа е многу едноставно, секое човечко суштество е способно за тоа.

Да се ​​заработи за живеење станува комплицирано само кога сакате да живеете како некој друг, кога сакате да ги имате работите што ги има вашиот сосед. Денес целиот економски модел на планетата е токму тоа и ова постојано ги зголемува стапките на самоубиства, бројот на цинични, фрустрирани луѓе и бројот на полудени умови. Тоа е затоа што нема леснотија во животот. Секогаш мора да направите нешто. Ако не одите на училиште, ако не одите на работа, ќе се случи нешто лошо и не можете одеднаш да го промените текот на вашиот живот и да направите нешто друго. Секој се обидува да ве принуди да ги правите истите работи низ целиот ваш живот. Изобилието нема да им донесе слобода на луѓето, тоа ќе ги врзе во јазли.

Играта за споредување

Еднаш возев во раскошна област во Вашингтон каде што многу значајни компании имаат канцеларии. На тротоарот имаше околу 150 до 200 мажи и жени, сите добро облечени и очигледно добро вработени. Беше време за ручек, но тие не седеа на некое убаво место туку купуваа хот-дог или што и да било на улица. Кога застанав на семафор видов дека никој дури не зборуваше еден со друг. Сите држеа нешто завиткано во хартија и гризеа од него како гладни кучиња. Луѓето би требало да јадат со малку повеќе внимание и естетика.

Сите овие се богати, главно млади луѓе кои работат на некоја барана работа. Но, јадат на овој начин, стоејќи на улицата. Веројатно секој ден нивниот ручек е ваков. Ако вака се однесувате со себеси, ако вака ја третирате храната што ја јадете и водата што ја пиете, ако вака го третирате воздухот што го дишете и секој живот околу вас, како очекувате да имате внатрешна благосостојба? Тоа не е возможно.

Единственото нешто е што возите поскап автомобил од вашиот сосед, тоа е единствената благосостојба што ja знаете. Вие не можете да ја знаете радоста да се биде жив. Кога не ја знаете радоста да се биде жив возбудата од возење подобар автомобил од вашиот сосед полека ќе се истроши и ќе почнете да се фрустрирате. Како што стареете ќе мрморите за сè. Ќе станете раздразливи и глупави, нема да станете мудри. Погледнете ги дедовците денес, тие дефинитивно не се мудри. Повеќето од нив не се слика на мудрост туку на раздразливост, цинизам, фрустрација и депресија.

Имаше време кога како што се ближеше крајот од животот тие секогаш имаа нешто што некој може да го наследи, но повеќе не е така. Современиот живот значи дека нивните заштеди завршуваат кога се уште останува малку живот во нив. Целиот нивни живот начинот на размислување им бил околу тоа колку пари имаат и што заработуваат. Кога тоа ќе го снема природно тие стануваат цинични, фрустрирани и депресивни.

Престанете да се чувствувате фрустрирани од животот

Без разлика дали светот ќе го реорганизира својот живот или не, време е вие да го реорганизирате вашиот живот. Највредното нешто во вашиот живот е самиот живот, сè останато се само додатоци. Каде живеам, што возам, што носам, што јадам, ​​сето тоа се додатоци. Сега сум жив, ова е најголемата радост! Без разлика дали живеете вака или не, тоа не е поентата туку е дали ја знаете радоста што сте живи? Ако не го знаете ова, тогаш што е поентата? Која е поентата да се живее во палата и да се биде мизерен?

Еднаш, пред многу години, отидов во американската амбасада во Ченаи (Chennai – град во Индија) и кога излегов од зградата, имаше едно момче од Андра Прадеш (Andhra Pradesh – држава во југо-источниот крајбрежен регион на Индија) што седеше на улица и многу плачеше како нешто сериозно да е изгубено и дојден му е крајот на животот. Дојдов до него и го прашав: „Што ти се случило тебе?“ Ми кажа дека аплицирал за виза во Соединетите Американски Држави и бил одбиен. Ова беше крај за него. Тој е затворен во оваа голема земја наречена Индија. Тој не може да замине во САД. Секако половина од оние кои се родени во САД и живеат таму не се во состојба да го поднесат тоа, но ова младо момче е со скршено срце затоа што не може да оди таму.

Кога не ја знаете радоста да бидете живи, возбудата од возењето подобар автомобил од вашиот сосед полека ќе се истроши и ќе се исфрустрирате.

Без оглед на кое ниво на економска удобност ќе постигнете, ако не ја знаете радоста од вашето постоење, сè друго ќе ви отежнува и ќе ве прави сè повеќе и повеќе мизерни. Кога си сиромашен, барем имаш надеж дека еден ден кога ќе успееш сè ќе биде во ред. Штом изобилието ќе се шири низ општеството, сфаќате дека не е тоа тоа и се појавува длабоко чувство на фрустрација.

Сè станува лажно, ако се насмевнете тоа е лажна насмевка; ако се смеете, тоа е лажна смеа; ако кажете за нешто дека е „прекрасно“, вие не го мислите тоа навистина. Целото општество станува училиште за шарм каде што сите учат да ги кажуваат “вистинските” работи, но нема ништо добро во тоа. Ова не е само за една земја, ова ќе им се случи на сите. Дури и во оваа земја (Индија), богатите сегменти на општеството стануваат такви.

Ако мислите дека има нешто поважно во овој живот отколку да сте живи во моментов, вие сигурно ќе бидете загорчени и фрустрирани од животот. Колку брзо ќе стигнете таму прашање е само на време и ситуации во животот. Мора да дозволите да продре длабоко во вас реалноста дека најголемата радост во вашиот живот е што сте живи токму сега. Ако го знаете ова секој момент од вашиот живот, ако проверите и видите: „Јас сум сè уште жив, одлично!“ – што повеќе сакате? Можеби постои мала загриженост дали ќе вечерате или не, но сепак повеќе би сакал да бидам гладен и жив отколку сит и мртов. Кој е твојот избор?