Почетна ЕкономијаОпштина Куманово започна со подготовка на нова стратегија за локален економски развој за периодот од 2027 до 2031 година

Општина Куманово започна со подготовка на нова стратегија за локален економски развој за периодот од 2027 до 2031 година

од nenad
2 минути читај за

Општина Куманово започна со подготовка на нова стратегија за локален економски развој за периодот од 2027 до 2031 година. Целта е да се утврдат приоритетите и стратешките насоки за економски раст, привлекување инвестиции, развој на бизнис секторот и отворање нови работни места.

Во рамки на процесот денеска се одржа првата работилница, на која учествуваа претставници од општинската администрација, членовите на Советот, граѓанските здруженија и бизнис заедницата.

Ахмет Јашараовски од Секторот за локален економски развој при Општина Куманово информираше дека во новиот стратешки документ ќе бидат вклучени и дел од целите од претходната стратегија, но конечните приоритети ќе бидат утврдени во соработка со новоформираната работна група.

– Започнуваме со нова стратегија за локален економски развој за петгодишен период. Претежно ќе се базираме и на првичната стратегија, односно дел од стратешките цели што ги имавме ќе бидат вклучени и во новиот документ. Сега имаме претставници во работна група со кои ќе ги утврдиме насоките и стратешките цели во однос на економскиот развој на Општина Куманово – изјави Јашараовски.

Како области на кои ќе се посвети внимание, тој ги посочи вработувањето, туризмот и развојот на економските зони, како и подобрувањето на условите за работа на компаниите што функционираат во Куманово и околината.

Јашаровски рече дека претходните активности за развој на економската зона „ „Речица и Новине“ дале добри резултати.

Во рамки на новата стратегија ќе се разгледува и можноста за формирање нова економска зона, во зависност од потребите и предлозите на работната група.

На првата работилница беа презентирани методологијата за изработка на стратегијата, динамиката на процесот и анализите на актуелната состојба, кои ќе послужат како основа за дефинирање на идните развојни приоритети.

Од Општина Куманово посочуваат дека новата стратегија е значаен документ за идниот развој на општината, бидејќи преку неа ќе се дефинираат насоките за одржлив економски раст, привлекување домашни и странски инвестиции, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места.

Посебно внимание ќе биде посветено и на младите, нивниот професионален развој и создавањето подобри можности за вработување, со крајна цел подобрување на економските услови и животниот стандард на сите граѓани. ам/дма/

Извор: МИА