Со доаѓањето на зимата многумина чувствуваат поголем глад, замор и желба за храна богата со јаглехидрати. Но, причината не е само студеното време – дневната светлина влијае врз биолошкиот часовник, хормоните и навиките во исхраната.
Со пократките денови и подолгите ноќи, многумина забележуваат дека почесто посегнуваат по храна, особено во попладневните и вечерните часови. Лесните салати и свежото овошје сè почесто ги заменуваат топли оброци, тестенини и други намирници богати со јаглехидрати.
Нутриционистката Сем Сигел објаснува дека една од причините за овие промени е намалената дневна светлина, која директно влијае врз биолошкиот часовник и лачењето на мелатонин – хормонот што го регулира спиењето. Поради тоа, во зимските месеци може да се чувствуваме поуморно и да имаме поголема потреба од храна.
Нејзиниот совет е поголемиот дел од дневните оброци да се внесуваат во текот на денот, наместо храната да се остава за доцните вечерни часови. Се препорачува исхрана богата со интегрални житарки, зеленчук, мешунки, риба, овошје и јаткасти плодови, односно намирници карактеристични за медитеранската исхрана.
Поврзани објави
Иако во зима сонцето заоѓа порано, тоа не значи дека мора да вечераме порано. Според Сигел, последниот оброк е најдобро да се консумира два до три часа пред спиење, а редовните термини за јадење помагаат во одржувањето на стабилен биолошки ритам.
Особено треба да се внимава со слатките грицки, белото пециво и рафинираните јаглехидрати. Тие можат брзо да го зголемат шеќерот во крвта, по што следува негов пад и повторно чувство на глад. Кога ќе посакате нешто топло и заситувачко, подобар избор се чорби од леќа или грав, овесна каша, печен коренест зеленчук и интегрални тестенини со зеленчук. Наместо да се откажувате од омилената зимска храна, клучот е да изберете нејзини поздрави и похранливи верзии.
Фото: pexels